Admir Fazlagic
06 Февруари 2020•Ажурирај: 07 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи на Северна Македонија соопшти дека тројца македонски државјани се на бродот кој е задржан во Јапонија поради присуство на заразени лица од коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Според последните информации добиени од Министерството за надворешни работи на Јапонија, потврдено е присуство на тројца наши државјани на бродот кој е задржан близу Јокохама, Јапонија. Причина за задржување на бродот е присуството на заразени лица од коронавирусот. Досега се потврдени 20 лица кај кои е пронајден овој вирус“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
Се додава дека Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија продолжува со редовното следење на состојбата во врска со ширењето на коронавирусот и мерките што се преземаат за негово сузбивање.
„На патничкиот брод, што во вторникот е усидрен во пристаништето „Јокохама“ и е ставен во карантин, од вкупно 3.700 патници, кај најмалку 20 лица е потврдена зараза со коронавирусот“, јави јапонската новинска агенција „Кјодо“ (Kyodo).
Функционерите потврдија дека вирусот е откриен кај уште четворица Јапонци, двајца Американци, двајца Канаѓани, кај еден државјанин на Тајван и кај еден на Нов Зеланд, со што бројот на заразените на бродот е зголемен на 20. Станува збор за лица што се на возраст помеѓу 50 и 70 години, коишто ќе бидат префлени во болница.
Јапонскиот министер за здравство, Катсунобу Като, вчера потврди дека од споменатиот брод поради коронавирусот веќе се хоспитализирани 10 лица.
Националната здравствена комисија на Кина (NHC) соопшти дека во изминатите 24 часа починале 73 заразени лица, со што бројот на починати од опасниот вирус во таа земја се зголеми на 564.
Во соопштението се наведува дека досега е потврдено заразување со вирусот 2019-nCoV кај вкупно 28.018 пациенти, додека под надзор се наоѓаат 186.354 лица за кои се сомнева дека го носат опасниот вирус.
Од Комисијата исто така соопштија дека во изминатите 24 часа заразата со вирусот е потврдена кај 3.694 пациенти.
Коронавирусот се појави во кинескиот град Вухан и брзо се прошири од почетокот на оваа година, а случаи со зараза се потврдени во повеќе од 20 земји низ светот.
Светската здравствена организација (СЗО) прогласи состојба на глобална опасност, а голем број авиокомпании ги запреа летовите кон Кина.
Инаку, од 27 јануари на Меѓународниот аеродром во Скопје започнаа превентивни мерки против коронавирусот. Со термална камера се скенираат патниците на летовите од Истанбул и Дубаи, кои имаат врска со регионот во Кина, каде што е жариштето на овој вирус. На аеродромот се активирани и лекарски екипи што прават преглед на сомнителните патници.