Asiye Latife Yılmaz
11 Март 2025•Ажурирај: 12 Март 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека ќе купи „нов автомобил Тесла“ како знак на поддршка за неговиот клучен сојузник Илон Маск, во време на протести против компанијата за електрични автомобили, јавува Анадолу.
„До сите републиканци, конзервативци и големи Американци, Маск ризикува за да ѝ помогне на нашата нација и прави фантастична работа“, напиша Трамп на својата платформа „Трут соушал“.
Тој го пофали Маск, обвинувајќи ги радикалните левичари дека се обидуваат „незаконски и со договор да го бојкотираат Тесла“ за да му наштетат на Маск и неговите вредности.
„Утре изутрина ќе купам сосема нов автомобил Тесла како знак на доверба и поддршка за Илон Маск, вистинскиот голем Американец“, додаде Трамп.
Протестите се засилија откако Маск стана лидер на Одделот за владина ефикасност (DOGE) на Трамп, надгледувајќи ги значителните кратења на федералната работна сила.
Возилата на Тесла беа вандализирани, а една жена беше уапсена под обвинение дека се обидела да запали продажен салон на Тесла во Колорадо.
„Зошто тој треба да биде казнет, затоа што ги вложил своите огромни вештини во работа за да помогне Америка повторно да стане голема?“, додаде Трамп.
Компанијата Тесла се соочува со пад на продажбата на клучни пазари. Податоците покажуваат дека регистрациите на Тесла во Европа во јануари се намалиле за 45 отсто во споредба со истиот месец минатата година.
Нетo-богатството на Маск исто така падна за повеќе од 100 милијарди долари од средината на декември, главно поради остриот пад на вредноста на акциите на Тесла.
Некои сопственици на Тесла поставија налепници на своите возила со натпис: „Го купив пред Илон да полуди“.