Ali Murat Alhas
30 Јуни 2019•Ажурирај: 01 Јули 2019
СЕУЛ (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп договорил продолжување на преговорите за нуклеарното прашање на Северна Кореја, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на неговата официјална посета на Јужна Кореја, Трамп денеска отпатува во демилитаризираната зона на границата меѓу двете Кореи, каде што се состана со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Состанокот на Трамп и Ким траеше околу 50 минути, а Трамп стана првиот американски претседател кој стапнал на севернокорејско тло.
„Се обидуваме да дојдеме до сеопфатен договор. Беше тоа добар и историски ден. Сѐ одработивме многу брзо“, рече Трамп по состанокот со Ким.
Трамп му се заблагодари на севернокорејскиот лидер за доаѓањето на состанокот и за тоа што покажува исклучително добра волја за дијалог.
Тој рече дека тие се договориле за продолжување на преговорите за нуклеарното прашање, но дека брзината на преговорите нема да биде важен фактор.
Истакнувајќи дека претходната американска администрација не сторила ништо по прашањето за денуклеаризацијата на Северна Кореја, Трамп рече дека неговата администрација направила чекори напред.
„Сега на сцена ќе стапи нашиот државен секретар Мајк Помпео, и за две или три недели со тимот ќе започне да работи на процесот“, порача Трамп.
Американскиот претседател изјави дека Северна Кореја во последно време не спроведувала нуклеарни тестирања и лансирања на балистички ракети, а за неодамнешните тестирања рече дека станувало збор за помали проектили кои практично се тестираат и од страна на сите други држави во светот.