Jeyhun Aliyev
30 Јуни 2019•Ажурирај: 01 Јули 2019
ТРИПОЛИ (АА) - Заканите од страна на силите поврзани со командантот од источна Либија, Калифа Хафтар, кон Турција се „проглас за војна“ кон Анкара, истакнува либискиот Висок државен совет, пренесува Anadolu Agency (AA).
Советот во своето соопштение заканите ги опиша како „удар за односите со земја која соработува со Либија во многу области, и која сочинува голем дел од вкупниот увоз на земјата“.
„Секој напад на нашите пријатели, особено на Турците, ќе се смета за повреда на нашата национална безбедност и против него ќе се пружи отпор“, се вели во соопштението на либискиот Совет.
Советот, исто така, побара од Обединетите нации (ОН) да преземат мерки за потиснување на силите на Хафтар, додавајќи дека Либија ќе ги продолжи односите со Турција во рамките на билатералните договори.
Во петокот, портпаролот на Хафтар, Ахмед ал Мисмари, соопшти забрана за комерцијални летови од Либија кон Турција и им нареди на своите сили да ги напаѓаат турските бродови, како и турските интереси во земјата.
Либиската Влада на национално единство признаена од ОН, во средата повторно го зазеде стратешкиот град Гариан, јужно од Триполи, од силите на Хафтар, кои доживеаја голема загуба. Турција ја поддржува Владата на национално единство во Триполи.
Силите на Хафтар досега беа неуспешни во обидот да го заземат Триполи од Владата на национално единство, со офанзивата што започна во април.
Сепак, неговите сили остануваат распоредени во неколку подрачја околу главниот град.
Во Либија владеат превирања од 2011 година, кога востанието поддржано од НАТО резултираше со соборување и смрт на долгогодишниот претседател Муамер Гадафи, по повеќе од четири децении на власт.
Оттогаш, со политичките поделби во Либија се формираа два ривалски центри на моќ, еден во Тобрук и друг во Триполи.