Ekipa
30 Јуни 2019•Ажурирај: 01 Јули 2019
КАБУЛ (АА) - Најмалку осуммина членови на Изборната комисија се убиени во Авганистан во напад на талибанците во покраината Кандахар во текот на ноќта, потврди денес официјален претставник, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на гувернерот на покраината, Азиз Ахмед Азизи, за АА изјави дека инцидентот се случил во подрачјето на Маруф доцна синоќа, кога членовите на Комисијата, зафатени со регистрација на гласачите за претседателските избори, бил нападнат.
Во меѓувреме, талибанците тврдеа дека убиле само припадници на безбедносните сили во овој напад. Кари Јусуф Ахмади, еден од портпаролите на талибанците, во соопштението истакнува дека цел на напад било седиштето на округот Маруф. Тој тврди дека во нападот се убиени 57 припадници на безбедносните сили, 11 други се заробени, и дека е запленето големо количество оружје.
Мисијата на Обединетите нации во Авганистан (UNAMA), во својот специјален извештај насловен „Насилствата на изборите во 2018 година“, минатата година истакнува дека талибанците започнале намерна кампања на насилство и заплашување, со цел нарушување на парламентарните избори. Во извештајот се потврдени вкупно 435 цивилни загуби (56 смртни случаи и 379 повредени), за време на процесот во октомври 2018 година.
Претседателските избори во Авганистан, кои претходно беа закажани за 20 јули, треба да се одржат на 28 септември годинава.