Ali Murat Alhas
30 Јуни 2019•Ажурирај: 01 Јули 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Свршеницата на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, Хатиџе Џенгиз, денеска изјaви дека молкот на саудискиот престолонаследник во врска со извештајот на специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН), Агнес Каламард, го смета за веродостоен доказ за понатамошна истрага на саудиските официјални претставници, вклучувајќи го и него, јавува Anadolu Agency (AA).
Џенгиз, која пристигна во Женева за да присуствува на 41. седница на Советот за човекови права на ОН (UNHRC), за Anadolu Agency говореше за неодамнешниот извештај на ОН, молкот на саудискиот престолонаследник и нејзиниот живот по смртта на Кашоги.
Нагласувајќи дека извештајот на специјалната известувачка на ОН ги шокирал Кабинетот на ОН во Женева и меѓународните заедници, Џенгиз изјави дека смета оти и Каламард самата мора да е изненадена од вниманието кое го привлекол овој извештај.
„Доказите собрани од истрагата сугерираат дека убиството на г. Кашоги претставува вонсудско убиство, насилно исчезнување и можен акт на тортура за кои е одговорна Саудиска Арабија“, пишува во извештајот на Каламард.
Во тој извештај беше посочено дека при истрагата се пронајдени веродостојни докази за одговорноста на високи официјални саудиски претставници, вклучувајќи го и саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман, чиј молк во врска со извештајот е извор за љубопитност за Џенгиз.
„Тоа што саудискиот престолонаследник не даде изјава во врска со тоа што неговото име е спомнато во случајот за убиството, дека и тој е осомничен, укажува на тоа дека некои луѓе поседуваат докази што сугерираат на негова можна вмешаност во тоа“, нагласи Џенгиз.
Таа изјави дека Бин Селман молчи можеби поради тоа што е загрижен дека доказите кои го поврзуваат со убиството можат да излезат на виделина доколку истрагата се продлабочи.
„Мислам дека на ова сугестивно молчење треба да му се обрне внимание“, рече таа, наведувајќи дека нема никаква смисла што Бин Селман молчи, и покрај тоа што е споменато неговото име во извештајот на ОН. Зошто не објави ниту еден демант? Тоа е прашањето.“
Потсетувајќи дека Каламард во извештајот ги повикува ОН да започнат меѓународна кривична истрага, таа рече: „Овој [повик] е за генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, бидејќи тоа е највисоката позиција што може да го поттикне светот.“
Таа, исто така ги повика и западните земји како Велика Британија, Канада и Норвешка, да ја поддржат меѓународната кривична истрага, бидејќи онаа предводена од Саудиска Арабија го изгубила својот легитимитет и веројатно ги штити извршителите на убиството.
Тоа што не знае каде се останките од телото на нејзиниот свршеник, е ужасно за Џенгиз, бидејќи мислела дека Кашоги можеби сѐ уште е жив.
„Ова е емоционална траума“, рече таа.
„Сѐ уште се прашувам што направија со телото на Џамал, каде го однесоа, овие прашања ме измачуваат. Ужасни работи ми дојдоа на ум, дали го распарчиле неговото тело или направиле нешто друго, но воопшто не знам каде се останките од неговото тело“, вели таа.
Кашоги беше убиен, а телото исечено на парчиња од група саудиски оперативци кратко по неговото влегување во саудискиот Конзулат во Истанбул, Турција, на 2 октомври минатата година.
Ријад даде различни, контрадикторни објаснувања за неговото исчезнување, пред да признае дека тој бил убиен во дипломатското претставништво, ставајќи ја вината врз неуспешната операција за испрашување изведена од саудиските агенти.