Aida Cako
12 Септември 2025•Ажурирај: 13 Септември 2025
СКОПЈЕ (АА) – Федералното истражно биро (ФБИ) објави видеоснимка од вооружениот напаѓач кој изврши смртоносен напад на Универзитетот „Долина Јута“, во Соединетите Американски Држави (САД), во којшто е убиен американскиот конзервативен коментатор Чарли Кирк, јавува Анадолу.
На снимката се гледа како осомничениот скока од покрив на зграда веднаш по пукањето и потоа бега од местото.
Истражителите во близина на Универзитетот пронашле огнено оружје и муниција, а на покривот биле собрани траги, меѓу кои отпечатоци од обувки, отпечаток од подлактница и дланка.
ФБИ објави и дополнителни фотографии од лицето поврзано со нападот. На нив се гледа млад маж облечен во црна долга маица, фармерки, со ранец, капа и црни очила за сонце.
Бирото понуди награда до 100.000 долари за информации што ќе доведат до идентификација и апсење на сторителот.
Чарли Кирк (31) беше смртоносно застрелан во средата додека се обраќаше на група студенти на Универзитетот во градот Орем, околу 65 километри јужно од Солт Лејк Сити. Нападот се случи и покрај присуството на обезбедување, меѓу кои шест универзитетски полицајци и неговиот приватен тим.
Интернет-снимките го прикажуваат моментот кога куршум го погоди Кирк за време на говорот, што предизвика паника и бегство кај студентите. Тој беше пренесен во болница, каде што подоцна им подлегна на повредите.
Истражителите пронашле снајперска пушка во шумскиот предел покрај трасата по која побегнал осомничениот.
Американските медиуми објавија дека во оружјето имало муниција со ознаки поврзани со „трансродна и антифашистичка идеологија“, но официјални лица нагласија дека овие информации не се потврдени.
Според досегашната истрага, осомничениот бил забележан половина час пред нападот и се упатил кон покривот на објектот од каде што пукал.
Потоа се симнал и избегал во блиското соседство, каде што полицијата ги прегледува снимките од безбедносните камери.
Две „лица од интерес“ беа приведени, но подоцна се ослободени.