Ekipa
29 Октомври 2018•Ажурирај: 30 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги изјави дека истрагата е во тек и дека телото сè уште не е пронајдено, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу, по состанокот со азербејџанскиот колега Елмар Мамадјаров, и грузискиот колега Давид Залкалани во Истанбул, одговораше на прашањата на новинарите, меѓу другото, и во врска со случајот за убиството на Кашоги.
„Продолжуваме интензивно да работиме на истрагата. Вложуваме големи напори за да се установат сите факти на ова претходно планирано убиство и кој, а познато е, дошол и си отишол, и кој стои зад сè. Во истрагата што ја води Обвинителството, учествуваме ние и други надлежни институции, полицијата и разузнавачките служби. Телото сè уште не е пронајдено“, рече Чавушоглу.
Потсети дека оние што го извршиле убиството се наоѓаат во Саудиска Арабија и дека големата одговорност е токму на Саудиска Арабија.
„Одговорните за ова претходно планирано убиство се уапсени во Саудиска Арабија. Постои и истрага што тие ја водат. Гледаме корист во соработката со обвинителите и размената на информации. Таа соработка треба да продолжи, но не да биде добивање на време. Тоа нè загрижува. Оваа истрага што поскоро треба да обезбеди резултати. Целиот свет е заинтересиран. Нека бидат изнесени фактите“, рече Чавушоглу.
Џамал Кашоги, саудиски новинар и колумнист во весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
По неколкунеделно негирање дека имаат какви било сознанија за Кашоги, саудиските претставници минатата недела признаа дека новинарот е убиен во просториите на Конзулатот.