Ekipa
29 Октомври 2018•Ажурирај: 30 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул денес свечено се отвори третиот аеродром, а претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на отворањето соопшти дека аеродромот ќе се вика „Аеродром Истанбул“, јавува Anadolu Agency (AA).
„На аеродромот му го дадовме името Истанбул, бидејќи станува збор за извонредно здание кое овој непроценлив град го заслужува“, рече Ердоган во обраќањето пред присутните и изрази желба новиот аеродром да биде за доброто на целиот свет, на регионот и на Турција.

Претседателот Ердоган додаде дека аеродромот „Ататурк“ во Истанбул ќе продолжи да го има статусот на аеродром.
„Аеродромот Ататурк ќе го задржи статусот на аеродром, но ќе биде затворен за комерцијални летови“, рече Ердоган.
Тој истакна дека капацитетот на новиот аеродром во првата фаза ќе изнесува 90 милиони патници, додавајќи дека на крајот, капацитетот би можел да се зголеми до 200 милиони патници.
„Во првата фаза, капацитетот на аеродромот ќе биде 90 милиони патници, а 150 милиони кога ќе бидат завршени сите фази. Доколку биде потребно, ќе го зголемиме капацитетот на аеродромот до 200 милиони патници“, рече Ердоган, информирајќи дека сите фази на новиот аеродром ќе бидат завршени до 2028 година.
Турскиот претседател напомена дека трошоците за изградбата на новиот „Аеродром Истанбул“ изнесуваат 10 милијарди и 247 милиони евра.
„Аеродромот со својата архитектура и начин на изградба е светло лице на нашата земја и проект за пример на целиот свет“, рече Ердоган, нагласувајќи дека „Аеродромот Истанбул“ е инвестиција за целиот свет, не само за Турција.
Ердоган упати апел до сите пријателски земји во светот со заеднички напори да градат помирен и побезбеден свет.

„Им се обраќам на сите пријатели од регионот и од светот, дојдете заедно да градиме мирна, безбедна и просперитетна иднина“.
„Се надевам дека „Аеродромот Истанбул“ ќе биде причина за среќавање и запознавање на луѓето, ќе ја зголеми љубовта, ќе ги соедини срцата и ќе служи за доброто на нашата земја, регионот и светот“, порача турскиот претседател Ердоган.
Тој истакна дека Турција е одлучна да стане една од 10-те најголеми економии во светот.
„Турција е одлучна да стане една од 10-те најголеми светски економии и симбол на мирот, безбедноста и напредокот во регионот и во светот“, изјави Ердоган.

Покрај претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган и други високи претставници на Турција, на церемонијата на отворање на аеродромот присуствуваа и над 50 високи претставници од сите делови на светот.
Аеродромот се простира на вкупна површина од 76,5 милиони квадратни метри, а останатите фази треба да бидат завршени во наредните години.
По завршувањето на работите, аеродромот ќе содржи шест одделни писти, ќе има капацитет од 500 авиони, паркинг од отворен и затворен тип со капацитет од 70.000 возила и годишно ќе опслужува околу 200 милиони патници.
Овој аеродром, уште пред отворањето, доби неколку награди, па затоа може да се очекува дека овој тренд ќе продолжи и во иднина.