Kasım İleri
18 Ноември 2018•Ажурирај: 20 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, соопшти дека во вторник ќе биде готов сеопфатниот извештај во врска со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп во изјава за медиумите во градот Малибу во Калифорнија се осврна на тврдењата дека американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) заклучила оти саудискиот престолонаследник, принцот Мухамед бин Селман, го наредил убиството на новинарот Џамал Кашоги.
„(ЦИА) Сѐ уште не утврди ништо. Сѐ уште е многу рано за тоа. Тоа е незавршен извештај“, рече Трамп.
„Можеби наредните два дена, понеделник или вторник, ќе добиеме целосен извештај, и ќе биде целосно комплетиран“, додаде тој.
Информирајќи дека остварил средба со директорката на ЦИА, Џина Хаспел, Трамп нагласи дека убиството на еден новинар е нешто страшно.
Трамп потоа јасно истакна дека извештајот во врска со убиството на Кашоги ќе биде готов во вторник.
Тој нагласи дека овој извештај ќе содржи одговор за тоа која била причината за убиството или кој го извршил тоа.
Од друга страна, Трамп, пред да замине за Калифорнија, во изјава за медиумите пред Белата куќа, одговарајќи на прашањата поврзани со соопштението на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) дека наредбата за убиството на новинарот Џамал Кашоги е издадена од саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман, рече дека сѐ уште немало брифинг од страна на ЦИА.
„Досега ни беше кажано дека тој (Мухамед бин Селман) немал никаква улога во случајот. Ќе чекаме да видиме што ќе ни кажат“, рече Трамп.
Потоа, портпаролката на американскиот Стејт департмент, Хетер Нојерт, нагласи дека Трамп телефонски разговарал со американскиот министер за надворешни работи, Мајк Помпео, и со директорката на ЦИА, Хаспел.
Нојерт ги негираше тврдењата дека САД имаат конечни заклучоци во врска со убиството на Кашоги.