Sarp Özer
18 Ноември 2018•Ажурирај: 19 Ноември 2018
ХАЛИФАКС (АА) - Министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар, во Халифакс се сретна со канадскиот министер за одбрана, Саџан Синг, а потоа и со началникот на Генералштабот на Соединетите Американски Држави (САД), Џозеф Данфорд, јавува Anadolu Agency (AA).
Акар допатува во Халифакс, Канада, за да присуствува на Меѓународниот форум за безбедност.
Турскиот министер, притоа се осврна на средбата со Данфорд, истакнувајќи дека во текот на состанокот размениле мислења и информации.
„Ние уште еднаш повторивме дека постоењето на терористичката организација ЈПГ, која не се разликува од ПКК, дека блискоста со американските војници и нивната соработка не е соодветна и дека многу нè вознемирува“, рече Акар.

Истакна дека доставувањето оружје и муниција за ЈПГ со шлепери, камиони и авиони е спротивно на поимањето на сојузништвото, и дека тоа за Турција е неприфатливо.
„Го повторивме предупредувањето и рековме дека очекуваме нашите американски сојузници да ги преземат потребните мерки и што поскоро да ги прекинат врските со ЈПГ, која не се разликува од терористичката ПКК“, рече Акар.
Додаде дека терористите на ЈПГ ги напаѓаат припадниците на безбедносните сили и предизвикуваат смрт на цивилите и невиното население.
„На американските сојузници повеќепати им повторивме дека е неприфатливо САД, како наш стратешки партнер, и нивните војници да соработуваат со една ваква организација“, истакна Акар.

Турскиот министер потсети и на неодамнешните средби со американските сенатори, истакнувајќи дека со нив разговарал за односите помеѓу САД и Турција.
Најважните прашања за кои е разговарано, додаде Акар, биле терористичката организација ЈПГ, односите со САД и испорачувањето на водачот и припадниците на терористичката организација ФЕТО.
„Кажавме дека многу нè вознемируваат односите на САД со терористичката организација ЈПГ и дека се неприфатливи дури и да се од тактична и привремена природа“, повтори Акар.
Истакна дека сенаторите потсетиле дека водачот на ФЕТО и членовите на организацијата мора што поскоро да ѝ бидат испорачани на Турција, и нагласено е дека ФЕТО е терористичка организација.
Акар во оваа пригода нагласил дека на САД досега им се испратени над 85 досиеја за испорачувањето на водачот и членовите на организацијата, како и голем број документи.
Турскиот министер се состана и со министерот за безбедносни сили на Косово, Рустем Бериша.