Zeynep Katre Oran
20 Септември 2025•Ажурирај: 21 Септември 2025
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е погоден брод идентификуван во меѓународни води кој превезувал дрога, известува Анадолу.
Во објава на својот профил на американската социјална платформа Truth Social, Трамп наведе дека нападот е извршен врз брод „поврзан со терористичка организација и вклучен во трговија со дрога“ во зоната на одговорност на Јужната команда на американската армија.
„Разузнавањето потврди дека бродот носел нелегални дроги и се движел по позната рута за шверц со намера да ги труе американските граѓани“, рече Трамп.
Трамп како „наркотерористи“ ги опиша трите лица на бродот кои загинале во нападот,
Во својата објава, Трамп вклучи и снимка од нападот, на која се гледа како бродот тоне во пламен откако бил погоден од воздушни ракети додека пловел по морето.
На 15 септември, американскиот претседател Трамп објави дека нападнале брод полн со дрога што ја напуштил Венецуела, во кој животот го загубиле три лица.
На почетокот на септември, Трамп, исто така, изјави дека погодиле брод за кој тврдел дека бил „полн со дрога“ што ја напуштил Венецуела во јужниот дел на Карибите. Во овој напад загинаа 11 лица.
Трамп тврдеше дека бродот го управувала бандата Трен де Арагва, која САД ја прогласи за странска терористичка организација на почетокот на годината.
Администрацијата на Вашингтон ги брани овие поморски операции како „неопходен чекор“ за спречување на трговијата со дрога во САД. Во тој контекст, војската ги таргетира бродовите за кои се тврди дека превезуваат дрога од Венецуела.