Michael Hernandez
15 Јуни 2017•Ажурирај: 16 Јуни 2017
ВАШИНГТОН(АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп му даде овластување на Пентагон да го менува бројот на американските трупи во Авганистан, потврди шефот на Пентагон, јавува Anadolu Agency (AA).
Соопштението е издадено еден ден откако секретарот за одбрана, Џејмс Матис, призна дека САД не победуваат во Авганистан, речиси 16 години откако започна кампањата за протерување на талибанците од земјата.
„Не можеме да дозволиме Авганистан уште еднаш да стане место од каде што започнуваат нападите врз нашата татковина или нашите сојузници“, истакна Матис во соопштението, најавувајќи ја промената на своите надлежности. „Ние напредуваме во деградирањето на овие групи, но ќе ги поразиме само на тој начин што ќе дадеме поддршка на нашите луѓе на копно и надлежностите кои им се потребни за да победат“.
Пензионираниот генерал на маринците укажа на подемот на ДЕАШ, и изјави дека Ал Каеда и другите екстремистички групи остануваат активни во земјата додека талибанците и понатаму се закана за централната Влада во Кабул, поддржана од САД.
САД во земјата имаат речиси 8.400 трупи, за разлика од 2011 година, кога во Авганистан беа распоредени 100.000 трупи.
Матис изјави дека делегирањето на власта не мора сигурно да значи дека стапката на армијата на САД ќе се зголеми, тврдејќи дека тоа му ја дава на Пентагон потребната флексибилност во приспособувањето на условите на бојното поле.
„Нашата основна мисија ќе остане иста: да ги обучуваме, да ги советуваме и да им помагаме на авганистанските сили“, истакна тој.