Hakan Çopur
26 Јануари 2017•Ажурирај: 26 Јануари 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Новоименуваниот претседател Доналд Трамп изјави дека прифаќањето на милиони бегалци во европските земји е голема грешка, и најави дека во Сирија ќе воспостави безбедни зони, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп во петокот беше официјално инаугуриран за 45. претседател на САД, а синоќа во првото телевизиско интервју за „Еј-би-си“ со водителот Дејвид Мур коментираше за актуелната ситуација во САД и во светот.
Осврнувајќи се на ситуацијата во Сирија, која е зафатена од војна, Трамп рече дека во таа земја треба да се воспостават безбедни зони во кои би биле сместени бегалците, а на тој начин би се спречил понатамошниот бран на бегалците во Европа.
„Во Сирија ќе воспоставам безбедни зони за тој народ. Мислам дека Европа погреши со одлуката да прими милиони од тие луѓе. Сега таму се случува целосна катастрофа“, изјави Трамп.
- Заострувањето на законите за виза за влез во САД не е против муслиманите
Администрацијата на Трамп веќе го започна процесот за заострување на контролата на влезот и издавањето визи за странци, а Трамп тврди дека тоа не е со цел да се забрани влезот на муслиманите во САД.
„Не, тоа не е прашање на забрана за влез на муслиманите во САД, туку тие мерки се насочени кон земјите каде што се кријат голем број терористи. Луѓето што доаѓаат од овие земји прават големи проблеми. Во нашата земја веќе имаме доволно проблеми и без нив“, рече тој Трамп.
На новинарско прашање дали стравува дека неговите потези ќе предизвикаат дополнителен револт во муслиманскиот свет, Трамп изјави дека во светот има многу омраза и дека неговите постапки нема да ја променат таа ситуација.
- САД при излегувањето требаше да воспостават контрола на нафтата во Ирак
Трамп смета дека САД по инвазијата, при повлекувањето од Ирак мораа да воспостават стратегија за контрола на нафтата во таа земја.
Тој тврди дека администрацијата на неговиот претходник, Барак Обама не го направила тоа и дека на тој начин терористичка организација ДЕАШ дошла до голем извор на финансирање.
„Доколку ние ја земевме таа нафта, денес не ќе постоеше ДЕАШ. На Блискиот Исток потрошивме шест трилиони долари и сега земјата е пред распад“, изјави Трамп, и додаде дека инвазијата на Ирак беше грешка уште од почетокот, а и повлекувањето е погрешно направено.
- Трамп тврди дека Мексико ќе плати за подигањето на ѕидот на границата
Трамп потсети дека во текот на изборната кампања тој ѝ вети на американската јавност дека на границата со Мексико ќе се подигне ѕид, и рече дека ѕидот првобитно ќе се изгради со парите на американските даночни обврзници, но дека Мексико на крајот сигурно ќе ги плати овие трошоци.
„Мексико стопроцентно ќе плати за подигањето на ѕидот. Јас наскоро ќе започнам преговори со мексиканската Влада и ќе најдеме начин за да ги добиеме тие пари од нив“, изјави Трамп.
Од друга страна, мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието и вчера изјави дека Мексико нема да плаќа за изградбата на ѕидот на Трамп.