Arif Yusuf,Safiye Karabacak
28 Ноември 2019•Ажурирај: 29 Ноември 2019
БАГДАД
По интервенцијата на полицијата врз демонстрантите во ирачката покраина Зикар, животот го загубија 14 лица, а десетици се повредени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од страна на здравствени извори, на мостовите „Наср“ и „Зејтун“ во градот Насирија дошло до судир меѓу безбедносните сили и демонстрантите. Во судирите животот го загубија 14 лица, а 80 се ранети.
Демонстрантите четири дена ги затворија за сообраќај мостовите во Насирија, со цел да го зголемат притисокот врз Владата.
Органите на полицијата објавија дека до наредното соопштение е воведена забрана за излегување на улица со цел да се стават под контрола зголемените тензии во градот.
- Протести во Ирак
Ирачаните организираат протести во различни делови од земјата поради невработеноста, корупцијата и недостигот на јавни услуги. Протестите започнаа на 1 октомври. Досега загинаа над 300 лица, а повеќе од 15.000 се повредени.
За време на тековните демонстрации во градовите од централните и јужните делови на земјата, вклучувајќи го и главниот град Багдад, демонстрантите реагираат и на иранското население во земјата.
Демонстрантите, кои не се убедени во владините реформски пакети, бараат оставка од премиерот Адил Абдулмехди кој им нареди на безбедносните сили да употребат сила против демонстрантите. Во исто време се бара и оставка на Владата, која ја обвинуваат за корупција.