Lokman İlhan
28 Ноември 2019•Ажурирај: 29 Ноември 2019
БОГОТА (АА) - Во главниот град на Колумбија, Богота, и во другите градови во земјата сè уште се во тек протестите кои започнаа на 21 ноември, по кои илјадници луѓе од различни сектори стапија во генерален штрајк, јавува Агенција Анадолија (AA).
Најмасовните протести се забележани на улиците на Богота, но и голем број други градови, вклучувајќи ги Букамаранга, Баранкиља, Кали, Картахена, Манисалес, Ибаге и Медељин.
Забележани се и судири меѓу демонстрантите и припадниците на полицијата кои интервенираа со употреба на солзавец.
Граѓаните протестираат против Владата на претседателот Иван Дуке на повик на синдикатите, студентските организации, различни заедници и стотина невладини организации.
За време на досегашните протести загинаа четири лица, повредени се 351 демонстрант и 182 полицајци, и уапсени се 170 лица.
Владата на Колумбија претходно соопшти дека се започнати 11 одвоени истраги против полицајците поради прекумерната употреба на сила за време на масовните протести.