Haydar Karaalp
06 Ноември 2019•Ажурирај: 07 Ноември 2019
БАГДАД
- Хајдар КАРААЛП
Демонстрантите кои протестираат во главниот град Багдад и во јужните градови во земјата бараат оставка од Владата и премин од парламентарен во претседателски систем. Демонстрантите истакнуваат дека нема да ги напуштат плоштадите доколку не се исполнат нивните барања.
На плоштадот „Тахрир“, центарот на демонстрациите во Багдад, демонстрантите продолжуваат да ги извикуваат паролите „Влада оставка“ и „Народот сака да го урне режимот“.
Демонстрантите кои говореа за дописникот на АА истакнаа дека бараат независна влада во земјата, ослободена од корупција и секти, и промена на постојниот систем.
- „Сакаме да се премине во претседателски систем“
Ирачкиот граѓански активист, Абас Темими, истакна дека сакаат да престане корупцијата и секташката политика во земјата, која стана хроничен проблем, и да се премине во претседателски систем.
„Ние сме на улица за да се бориме против корупцијата и против секташките политики што ги масакрираа нашите луѓе. Ние сме народ кој го сака животот. Политичарите го поделија ирачкиот народ и помеѓу нив вметнаа секташки провокации кои се многу уништувачки“, нагласи Темими.
Истакнувајќи дека се решени да ги продолжат своите мирни демонстрации, Темими им порача на властите:
„Вие веќе не можете да управувате со оваа земја и со овој народ. Сите кои дојдоа на власт по 2003 година на некој начин станаа корумпирани. Овој систем не е погоден за управување со оваа земја, треба да се промени системот на управување. Бараме да се промени Уставот, Законот за избори и членовите на Изборната комисија и од парламентарен систем да се премине во претседателски систем. Нашите демонстрации ќе продолжат сè додека не се урне администрацијата во Зелената зона.“
- „По секоја изјава од Владата, бројот на демонстранти на плоштадот „Тахрир“ се зголемува“
Сафије Аднан, која доброволно обезбедува здравствени услуги на плоштадот „Тахрир“, истакнувајќи дека парламентарниот систем не одговара на потребите на земјата, рече: „Сакаме да се ослободиме од овој режим воспоставен од политичките партии.“
Истакнувајќи дека судството е политизирано, а Владата се насочува со странски интервенции, Аднан нагласи: „Владата ја загуби легитимноста и треба да си даде оставка. Сакаме независна влада и независен претседател кој ќе биде оддалечен од политичките партии.“
Аднан, наведувајќи дека учеството на демонстрациите кои започнаа на 1 октомври и продолжија на 25 октомври се зголемува секој изминат ден, рече: „По секоја изјава од Владата, бројот на демонстранти на плоштадот „Тахрир“ се зголемува.“
- „Немаме работа и оваа влада е неспособна да ни најде работа“
Ирачкиот демонстрант Али Џемал, посочувајќи на проблемот со невработеноста во земјата, ја обвини Владата дека не е во состојба да го реши тој проблем.
Нагласувајќи дека тие сакаат промена во сегашниот систем во земјата, Џемал рече:
„Немаме работа и оваа влада е неспособна да ни најде работа. Веќе немаме доверба во оваа влада. Да имаше доверба, немаше толку луѓе да излезат на улица. Сакаме да го урнеме режимот и да реализираме промени.“
- Крвави демонстрации во Ирак
Ирачаните организираат протести во различни делови од земјата поради невработеноста, корупцијата и недостигот на јавни услуги. Протестите кои започнаа на 1 октомври, по прекинот поради церемонијата по повод Арбаин, повторно продолжија на 25 октомври.
Обединетите нации пак, соопштија дека на протестите во Ирак кои започнаа на 1 октомври, 254 демонстранти ги загубија животите, а илјадници се повредени.