Recep Şakar
26 Јануари 2017•Ажурирај: 27 Јануари 2017
МЕЛБУРН (АА) - Одбележувањето на 26 јануари, Денот на Австралија, започна со прослава, а заврши со протести, јавува Anadolu Agency (AA).
На одбележувањето на овој празник учествуваа неколку стотици илјади луѓе ширум земјата.
Во Мелбурн, државјаните на Австралија со потекло од другите земји носеа знамиња на земјите од коишто доаѓаат и австралиски знамиња.
Од друга страна Абориџините, автохтониот народ на Австралија, овој празник го прогласија за „Ден на инвазијата“ и ширум земјата организираа протести. Протестите во Мелбурн се одржаа пред Парламентот на државата Викторија.
Абориџините тврдат дека европските доселеници по пристигнувањето на континентот на 26 јануари 1778 година извршиле масакр над нив и поради тоа не го прославуваат овој ден.
Тие со транспаренти во рацете извикуваа слогани „Не е Ден на Австралија, туку Ден на инвазија“, „Променете ја историјата“, „Секогаш беше земја на Абориџините, секогаш ќе остане таква“ и други. Демонстрантите на два часа го запреа сообраќајот на главната градска крстосница и ја критикуваа власта за начинот на однесување кон Абориџините.
Мјуриел Сперум за АА рече дека оваа година е организиран еден од најголемите протести во последните неколку години. Сперум истакна дека Абориџините никогаш нема да се откажат од борбата за своите права, бидејќи тоа е нивна земја.