İdris Okuducu
06 Ноември 2019•Ажурирај: 07 Ноември 2019
ИСТАНБУЛ
Бригадниот генерал Абдулкерим Халеф, воен портпарол на ирачкиот премиер Адил Абдулмехди, истакна дека тековните антивладини демонстрации во земјата предизвикале штета поголема од 6 милијарди долари на економијата на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Халеф, на прес-конференција во главниот град Багдад се осврна на влијанието на антивладините демонстрации врз економијата на земјата, што продолжуваат од 1 октомври, при што загинаа 254 лица.
Истакнувајќи дека демонстрантите во јужните делови на земјата се насочиле кон нафтените компании и ги затвориле улиците, Халеф рече дека тоа е опасна ситуација.
Тој исто така рече дека нема да дозволат никаква интервенција врз нафтените компании, на чело со најголемото пристаниште на земјата „Ум Каср“ во Басра.
Наведувајќи дека пристаништето „Ум Каср“ е важна царинска порта за Ирачаните, Халеф нагласи: „Стотици транспортни возила кои ги носат дневните основни потреби на Ирачаните не можат да влегуваат и да излегуваат.“
„Мирните демонстрации никогаш не треба да ја таргетираат економијата на Ирак“, рече Халеф, додавајќи дека демонстрациите направиле штета на економијата повеќе од 6 милијарди долари.
- Демонстрациите во Ирак
Ирачаните организираат протести во различни делови од земјата поради невработеноста, корупцијата и недостигот на јавни услуги. Протестите кои започнаа на 1 октомври, по прекинот поради церемонијата по повод Арбаин, повторно продолжија на 25 октомври.
Обединетите нации пак, соопштија дека на протестите во Ирак кои започнаа на 1 октомври, 254 демонстранти ги загубија животите, а илјадници се повредени.