Haydar Karaalp
26 Декември 2018•Ажурирај: 27 Декември 2018
БАГДАД/ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп за Божиќ изврши изненадна посета на американските трупи во Ирак, пренесува Anadolu Agency (AA).
Со ова се означува првата посета на претседателот на борбената зона, а се случи неколку дека откако американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, ја објави својата оставка.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп, заедно со неговата сопруга, првата дама на САД, Меланија Трамп, ги посетил американските трупи.
„Претседателот Трамп и првата дама на САД на Божиќната ноќ отпатуваа во Ирак за да ги посетат нашите трупи и високото воено раководство, да им се заблагодарат за нивната услуга, нивниот успех и жртвување, и да им посакаат среќен Божиќ“, објави Сандерс на социјалната мрежа Твитер.
За време на неговата посета на воздушната база „Ал Асад“, Трамп ја бранеше својата одлука за повлекување на американските трупи од Сирија, чија бројка изнесува 2.000.
Тој, исто така изјави дека имал корисен разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој сака да ја порази ДЕАШ.
„САД не можат да продолжат да бидат полиција на светот“, изјави Трамп.
Според наводите, Трамп поминал три и пол часа во воздушната база „Ал Асад“, но не го посетил Багдад.
Закажаниот состанок со ирачкиот премиер Адел Абдул Махди беше откажан, но двајцата лидери разговараа телефонски.
Во соопштението издадено од Кабинетот на ирачкиот премиер се вели дека несогласувањата во врска со спроведувањето на состанокот довеле до тоа тој да биде заменет со телефонски разговор.
„Абдул Махди го повика Трамп во Багдад, а Трамп го повика него во САД“, се додава во соопштението.
„На Меланија и мене ни беше чест што ги посетивме нашите извонредни трупи во воздушната база „Ал Асад“ во Ирак. Бог нека ги благослови САД“, напиша Трамп на Твитер.
Оваа посета следуваше откако Трамп изненадно објави дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе ги повлечат своите трупи од Сирија, по реализираниот телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во кој двајцата лидери се согласија за потребата од поефикасна координација во Сирија.