Dildar Baykan
15 Ноември 2017•Ажурирај: 15 Ноември 2017
НЕЈПИДО/АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на САД, Рекс Тилерсон, денес изрази голема загриженост во врска со доверливите извештаи за насилството на мјанмарските безбедносни сили над муслиманите во Аракан, и упати повик во врска со тоа да биде спроведена независна истрага, јавува Anadolu Agency (AA).
Тилерсон престојува во еднодневна официјална посета на Мјанмар, а во главниот град Нејпидо се состана со министерката за надворешни работи и државна министерка задолжена за работата на Претседателството на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи.
На заедничката прес-конференција по состанокот, Тилерсон во врска со случувањата во Аракан порача дека снимките, едноставно кажано, се застрашувачки.
Тој додаде дека САД се загрижени во врска со веродостојните извештаи за насилството што мјанмарските сили го спроведуваат над муслиманите од Аракан, и дека е неопходно да се спроведе независна истрага во врска со хуманитарната криза во Аракан, која е причина повеќе од 600.000 Араканци да пребегаат на територијата на Бангладеш.
Тилерсон додаде дека воведувањето опсежни економски санкции на Мјанмар било погрешно, односно дека би било посоодветно да се воведат санкции за оние лица за кои постојат докази и доверливи информации дека се одговорни за активностите кои се неприфатливи.
Чи потсети дека била изложена на критиките на меѓународната заедница поради нереагирање на насилството над муслиманите во Аракан, на што одговори дека таа во повеќе наврати зборувала за оваа криза.
„Не молчев. Мислам дека тие сакаат да кажат оти не сум рекла нешто што би предизвикало доволно внимание“, порача Чи.
Тилерсон во рамките на посетата на Мјанмар се состана и со генералот Мин Аунг Хлаинг, кој раководи со акциите на мјанмарската војска во регионот на Аракан.
Араканските муслимани Рохинџа веќе со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а од 25 август се соочуваат со нов бран насилства во мјанмарскиот регион Аракан.
Под изговор борба против милитантните групи, мјанмарската војска во изминатиот период уништи најмалку 200 муслимански села, од каде што стотици илјади жители беа принудени да пребегаат кон соседен Бангладеш.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународните организации, невозможно е да се зборува за прецизен биланс на загинатите во нападите на муслиманските села. Шефот на дипломатијата на Бангладеш, Абул Хасан Махмуд, изјави дека најмалку 3.000 муслимани се убиени од 25 август до денес.