Ekipa
14 Ноември 2021•Ажурирај: 15 Ноември 2021
КАРТУМ (АА) - Катарската телевизија „Ал Џезира“ денес соопшти дека шефот на нејзиното биро во Судан е приведен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Мрежата со седиште во Доха објави на Твитер дека безбедносните сили упаднале во домот на Ел Мусалми ел Кабаши и го привеле.
Досега нема коментар во врска со тоа од суданските власти.
Ова се случува ден откако илјадници демонстранти излегоа на улиците вчера да протестираат против военото преземање на власта во Судан минатиот месец. Во протестите загинаа најмалку шест демонстранти.
Генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, челникот на владејачкиот Воен совет на Судан, издаде декрет за формирање нов владејачки транзициски совет, назначувајќи се себеси за негов претседател.
Тој ја презеде власта на 25 октомври, распуштајќи ја преодната влада и притворајќи десетици функционери и политичари, меѓу кои и премиерот Абдала Хамдок, кој е во домашен притвор.
Пред военото преземање на власта, со Судан раководеше Суверен совет, кој го надгледуваше периодот на транзиција до изборите во 2023 година, како дел од несигурниот пакт за цивилно-воено раководење со државата.