Saadet Firdevs Aparı
09 Јуни 2022•Ажурирај: 10 Јуни 2022
БАНКОК (АА) - Тајланд стана прва земја од азискиот континент во која е легално да се одгледува и да се поседува марихуана, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Тајланд објави дека од утре планира да дистрибуира милион садници.
Владините претставници рекоа дека ја поддржуваат употребата на марихуана само во медицински цели, предупредувајќи дека оние кои ја користат за рекреативна употреба во јавноста, би можеле да се соочат со затвор до три месеци и парична казна од 25.000 тајландски бахти (780 долари).
„Треба да знаеме да користиме канабис. Ако сме свесни, канабисот е скапоцена работа како златото и треба да се промовира“, порача министерот за здравство, Анутин Чарнвиракул.
Наведувајќи дека Министерството ќе преземе дополнителни мерки, Чарнвиракул наведе дека Владата попрво „ја подига свеста“ за ова прашање, отколку да патролира и да го користи законот за да контролира и казнува луѓе.
Од друга страна, Чарнвиракул нагласи дека доколку количеството тетрахидроканабинол (THC), активната состојка на канабисот, е поголемо од 0,2 отсто, тоа ќе се смета за нелегално.
Во Тајланд, каде што продажбата на канабис веќе не е кривично дело, властите се надеваат дека домашната трговија со канабис ќе придонесе за земјоделството и туризмот, но извозот на комерцијални производи од канабис надвор од земјата е забранет.
Владата, исто така, планира да пушти 4.000 луѓе од затвор кои се затворени поради кривични дела поврзани со канабисот.