AP
09 Јули 2018•Ажурирај: 10 Јули 2018
MАИ САИ (AA) - Уште четири момчиња се спасени од пештерата Там Луанг Нанг Нон во северниот дел на Тајланд, неколку часа откако започна втората операција за спасување за да ги извлечат преостанатите членови на фудбалскиот тим кои беа заробени во поплавената пештера, јавува Anadolu Agency (AA).
Втората операција за спасување започна денес, во 11 часот по локално време, а во неа пештерата ја напуштија четири момчиња. Сите момчиња со возила на Брза помош се префрлени до хеликоптерот, од каде што ќе бидат превезени во болницата во Чианг Раи на преглед. Операцијата за спасување е завршена за денес.

Од пештерата се спасени вкупно осум момчиња, а уште четири и тренерот чекаат спасување. Четирите момчиња што се спасени претходно се потхранети, но се во добра здравствена состојба. Спасените момчиња се во карантин во болницата за да се избегне ризик од инфекции. Лекарите сè уште не им дозволуваат на родителите да ги видат преку стаклените врати.
Наронгсак Осатанаком, гувернерот на тајландската покраина Чианг Раи, соопшти дека во операцијата за спасување на младите фудбалери и нивниот тренер учествуваат 13 странски и пет тајландски нуркачи.
Двајца нуркачи ќе го следат секое дете додека постепено излегува од пештерата.
Фудбалскиот тим, 12 момчиња на возраст меѓу 11 и 16 години и нивниот 25-годишен тренер, за време на посетата на пештерата Там Луанг Нанг Нон на 23 јуни останаа заробени откако влезовите на пештерата беа поплавени.
Групата е пронајдена по девет дена, но не е извлечена поради големата количина вода во пештерата.