Riyaz Khaliq Khaliq
28 Септември 2023•Ажурирај: 29 Септември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Во услови на континуирани вежби на кинеската морнарица во близина на островот, Тајван денес ја претстави својата прва подморница од домашно производство „Нарвал“, јавува Анадолу.
„Денешниот ден ќе влезе во историјата“, рече тајванската претседателка Цаи Инг-вен на церемонијата одржана во јужниот град Каосиунг.
Ова е прва тајванска автохтона одбранбена подморница (IDS), за која Цаи рече дека „порано се сметаше за невозможна мисија“.
„Но, тоа сега е реалност“, истакна таа.
Надлежните го изложија само предниот дел на подморницата, додека цевките за торпедо и другите клучни компоненти беа покриени со тајванско знаме, јави „Фокус Тајван њуз“.
Цаи рече дека лансирањето на подморницата од домашно производство е клучно за да се постигне автономија во одбраната.
Изградена од корпорацијата CSBC во тајванското бродоградилиште во Каосиунг, Цаи рече дека подморниците „се клучни во напорите на морнарицата да развие асиметрични борбени способности и други клучни стратегии“.
На настанот присуствуваше и Сандра Оудкирк, раководителка на Американскиот институт во Тајван (AIT).
Се очекува островската држава да има три готови борбени подморници до 2025 година и четири до 2027 година. Меѓу нив се и две постоечки подморници од класата Чиен Ланг купени од Холандија во 1980-тите години.
Во текот на 1970-тите, островската држава купи две подморници од времето на Втората светска војна од САД, кои сега се користат за обуки.
Кинеската војска одржува вежби околу Тајван за да ја одврати „ароганцијата“ на „сепаратистите“, соопшти вчера Пекинг.
Кина го смета Тајван за своја отцепена провинција, додека Тајпеј ја чува својата независност од 1949 година.