Servet Günerigök
28 Септември 2023•Ажурирај: 29 Септември 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Над 3.300 мировници кои служат во Мали ја напуштиле земјата како дел од планот на ОН за постепено повлекување од земјата, се вели во соопштението на мисијата МИНУСМА, пренесува Анадолу.
Мултидимензионалната интегрирана мисија за стабилизација на ОН во Мали (МИНУСМА) соопшти дека на 20 септември, 116 сенегалски мировници се вратени од кампот Мопти.
„До денес, 2.680 припадници на силите на МИНУСМА и 596 припадници на Полицијата на Обединетите нации (UNPOL) се вратени во татковината, што значи дека бројот на лица кои ја напуштиле мисијата изнесува вкупно 3.276“, се вели во соопштението на МИНУСМА.
„МИНУСМА, со текот на времето, се збогуваше со 81 член на меѓународниот персонал и 10 доброволци на Обединетите нации (УНВ). Со ова вкупната бројка на заминат цивилен персонал се искачи на 91, а кога се комбинира со воените заминувања, целосната бројка изнесува 3.367 лица од персоналот на МИНУСМА кои ја напуштија мисијата“, се додава во ова соопштение.
Постепеното намалување на персоналот на МИНУСМА е во согласност со Резолуцијата 2690 на Советот за безбедност на ОН, што беше усвоена на 30 јуни 2023 година. Резолуцијата бара целосно повлекување на операциите на МИНУСМА до 31 декември 2023 година.
„Како што се приближува крајниот рок, се очекува дека до крајот на септември, уште позначаен контингент од персоналот на МИНУСМА да замине од Мали“, се вели во соопштението.
- Најсмртоносната мисија на ОН во светот -
МИНУСМА е основана на 25 април 2013 година, како одговор на безбедносната криза што избувна во Мали.
Во оваа мисија беа вклучени над 15.000 војници и полицајци од 61 земја, од Ерменија до Замбија.
Мировните сили првенствено беа стационирани во северниот и централниот дел на Мали.
Владата на Мали побара од ОН да ја повлечат МИНУСМА од земјата до 30 јуни.
МИНУСМА загуби над 180 свои членови до денес.