Riyaz Khaliq Khaliq
10 Октомври 2022•Ажурирај: 12 Октомври 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Тајван денес соопшти дека воената конфронтација со Кина апсолутно не е опција, истакнувајќи дека не постои простор за компромис за „националниот суверенитет и слободниот и демократски начин на живот“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на Денот на државноста во главниот град Тајпеј, претседателката Цаи Инг-вен рече: „Најширокиот консензус меѓу народот на Тајван и нашите различни политички партии е дека мораме да го браниме нашиот национален суверенитет и нашиот слободен и демократски начин на живот. По ова прашање, немаме простор за компромиси“.
„Само со почитување на посветеноста на тајванскиот народ на нашиот суверенитет, демократија и слобода може да постои основа за продолжување на конструктивната интеракција преку Тајванскиот теснец“, рече Цаи, на одбележувањето на 111-тиот национален ден на Република Кина (RoC - официјалното име на Тајван).
Тензиите во Тајванскиот теснец се зголемија од почетокот на август по ненајавеното патување во Тајван, на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, што е спротивно од желбите на Кина.
Како одговор, Пекинг започна опсежни воени вежби околу островската држава, дом на околу 24 милиони луѓе.
Кина го смета Тајван за своја „отцепена провинција“.
„Вооружената конфронтација апсолутно не е опција за нашите две страни“, рече Цаи.
Како што истакна, властите во Пекинг не треба да донесуваат погрешни проценки поради силниот демократски систем на Тајван.
Кина не ја отфрли употребата на сила за обединување на Тајван со континентална Кина.
Пекинг вчера соопшти дека Тајван „ќе ужива висок степен на автономија како посебен административен регион по повторното обединување“.