Mehmet Nuri Uçar
06 Јуни 2021•Ажурирај: 07 Јуни 2021
КУДС
Набил ал-Курд, татко на палестинската активистка Муна ал-Курд, што утрово од слобода ја лишија припадниците на израелските безбедносни сили, смета дека Израел настојува да ги замолчи гласовите што говорат за кршењата на човековите права во Кудс (Ерусалим), јавува Агенција Анадолија (АА).
Набил ал-Курд во изјавата за медиумите, што ја даде откако неговата ќерка е приведена во рацијата на израелските сили во нивниот дом во населбата Шеик Џарах, го повика народот во Кудс да ѝ пружи поддршка на неговата ќерка.
Тој повика и на собирање пред полициската станица во улицата „Селахадин“, каде што верува дека се наоѓа неговата ќерка.
„Сега редот е на вас. Сите нека го направат она што можат за одбрана на Кудс и Палестина. Израел настојува да ги замолчи гласовите во Кудс. Но, нашиот глас ќе биде посилен“, порача тој.
Палестинската активистка Муна ал-Курд (23), која на социјалните мрежи има 1,2 милиони следбеници и често говори за прекумерната употреба на сила на израелската полиција и кршењето на човековите права во Кудс, приведена е утрово.
Палестинските активисти, меѓу кои се Муна и нејзиниот брат Мухамед, на социјалната мрежа Твитер започнаа кампања со хештагот „#SaveSheikhJarrah“ за да го привлечат вниманието на јавноста кон она што се случува во Кудс.
Стравот на 27 палестински семејства од Шеик Џарах поради заканите со деложација, како последица на притисоците на израелските власти доби нова димензија.
Израелскиот суд по барање на еврејските доселеници во 2019 година донесе одлука за деложација на 12 палестински семејства од Шеик Џарах. Во одлуката е наведено дека четири од овие семејства во јануари 2021 година мораат да го напуштат својот дом.
Семејствата поднесоа жалба, но судот кон средината на февруари ја отфрли.
Покрај тоа, Централниот израелски суд кон почетокот на оваа година донесе одлука седум семејства да го предадат својот дом на еврејските доселеници.
На крајот, судот на 4 март ги отфрли жалбите на палестинските семејства од населбата Шеик Џарах. Врховниот суд на 2 мај им даде рок на четирите семејства од Шеик Џарах до 6 мај да се „договорат“ со еврејските доселеници.
На рочиштето на 9 мај, конечната одлука беше пролонгирана за јуни.