КАРАЧИ (АА) - Најмалку 40 лица загинаа, а 60 се повредени утринава во судирот на два патнички воза во јужниот дел на Пакистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Судирот на возовите што патувале кон северот и југот на земјата се случил во близина на областа Готки во јужната покраина Синд, на 526 километри од Карачи.
Заменик-комесарот на Готки, Усман Абдула, за новинарите изјави дека несреќата се случила откако задните вагони од возот што патувал кон северот на земјата, „Милат експрес“, излетале од своите шини на паралелната шина, што резултирало со судир со возот што патувал кон југот на земјата, „Сер Сајед експрес“.
На снимките емитувани на пакистанскиот канал „Гео њуз“ се гледа како спасувачите и локалното население ги извлекуваат телата и повредените од оштетените вагони и ги ставаат во амбулантни возила.
Наредена е истрага за несреќата.
Абдула рече дека пронајдени се најмалку 40 тела, а 60 повредени лица се итно пренесени во болниците, каде што, според наводите, 25 се во критична состојба.
Според Националниот орган за управување со катастрофи, државно тело што ги координира различните агенции за помош и спасување, уште најмалку шест тела се заробени во остатоците.
„Од Мултан полетаа 2 хеликоптери за евакуација на жртвите и за брза помош“, се вели во соопштението на пакистанската Армија.
Претседателот Ариф Алви и премиерот Имран Кан изразија жалење за трагичната несреќа и изразија сочувство до семејствата на жртвите и молитви за брзо закрепнување на повредените.
„Шокирани од ужасната железничка несреќа кај Готки рано утрово во која првичната бројка на загинати беше 30 патници, упативме апел до министерот за железница да стигне до местото и да обезбеди медицинска помош на повредените и поддршка на семејствата на загинатите. Издадена е наредба за сеопфатна истрага за грешките во безбедноста на железницата“, напиша Кан на Твитер.
Пакистан има долга историја на железнички несреќи, главно поради лошата инфраструктура и недостатокот на безбедносни стандарди.
На 31 октомври 2019 година, над 70 лица загинаа во експлозија во воз во движење во близина на Рахимар Кан во североисточната покраина Пенџаб, за која властите подоцна рекоа дека е поради пожарот што избувнал од краток спој.
Најмалку 19 припадници на малата заедница Сики загинаа во судар меѓу автобус и воз во подрачјето на Шеикупура во Пенџаб во јули минатата година.