Behlül Çetinkaya
02 Јануари 2020•Ажурирај: 04 Јануари 2020
ИСЛАМАБАД
Во Џаму и Кашмир, кој е под контрола на Индија, од 5 август навака, веќе 150 дена продолжува полицискиот час, забраната за комуникација и ограничувањата за влез и излез во регионот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи на Пакистан на 150-тиот ден од блокадата соопшти дека ги отфрла изјавите на Индија дека во Џаму и Кашмир е вратен нормалниот живот.
Во соопштението се истакнува дека тврдењата на Индија не ја одразуваат вистината и се додава: „Пакистан ќе продолжи да дава морална, политичка и дипломатска поддршка за заштита на правата на повеќе од 8 милиони Кашмирци, коишто се окупирани од 900.000 немилосрдни припадници на индиските безбедносни сили, и ќе го крене својот глас на сите меѓународни форуми.“
Исто така, во соопштението се вели дека ќе продолжат да работат за спроведување на правото на самоопределување што им е дадено на Кашмирците од Обединетите нации (ОН).
„Треба да им се стави крај на полицискиот час, забраната за состаноци, апсењата и ограничувањата, што се спроведуваат во регионот од 5 август навака“, се вели во соопштението, додавајќи дека особено треба да биде ослободена младината која е уапсена.
Во соопштението се подвлекува важноста да им се дозволи влез во регионот на меѓународните набљудувачи и на новинарите.
„Уште сега ги осудуваме сите обиди на индиските политичари и воената администрација со цел да ја доведат во заблуда меѓународната јавност. Им препорачуваме да преземат мерки против хиндунационализмот кој продолжува во нивната земја и кој во исто време ја загрижува меѓународната јавност“, се вели во соопштението.
Исто така, во соопштението се зборува и за прекршувањата на прекинот од огнот на контролната линија во Џаму и Кашмир.
„Ние сме подготвени да одговориме на несреќните иницијативи на Индија. Пакистан ќе продолжи да работи на обезбедувањето мир, безбедност и стабилност во нашиот регион и во светот, и покрај сите провокации од страна на Индија“, се нагласува во соопштението.
- Индија го укина посебниот статус на Џаму и Кашмир
Територијата на Џаму и Кашмир по повеќе од половина век ја загуби автономијата и поделена е на два дела, откако Индија на 5 август го отповика членот 370.
Целата територија на 31 октомври официјално е поделена на две подрачја, на Џаму и Кашмир и на Ладак, врзани за централната индиска власт.
По оваа одлука индиските безбедносни сили ги интензивираа операциите за јавен ред во Џаму и Кашмир, зголемувајќи го притисокот врз народот, воведувајќи полициски час и забрани за интернет, телефон и транспорт.
Освен тоа, приведени се сите раководители и членови на политичките партии од целиот регион.
Од добивањето независност од Британија од 1947 година досега, Џаму и Кашмир имаше привилегиран статус со кој можеше да донесува сопствени закони.