Sayed Khodaiberdi Sadat
10 Мај 2021•Ажурирај: 11 Мај 2021
КАБУЛ (АА) - Талибанците соопштија дека донеле одлука за 3-дневен прекин на огнот по повод Рамазан бајрам во Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од талибанците се потенцира дека на милитантите им е наложено да не извршуваат никакви напади за време на бајрамските празници.
Меѓу другото, се истакнува дека талибанските милитанти не можат да патуваат во областите што се под владина контрола, исто како и владините сили во областите што се под контрола на талибанците.
Се потенцира дека е донесена одлука за прекин на огнот за да може народот да ги помине бајрамските празници во мир и безбедност.
Но, како што се нагласува во соопштението, ако за време на прекинот на огнот има напад од спротивната страна, ќе се одговори на нападот.
Од Владата сè уште нема изјава во врска со одлуката на талибанците за прекин на огнот.
Од друга страна, во бомбашките напади пред училиште во Кабул, извршени на 8 мај, 50 лица го загубија животот.
Според Владата на Авганистан, насилството во земјата во последните 10 дена е значително зголемено откако странските сили започнале да се повлекуваат.