Ekip
09 Септември 2021•Ажурирај: 10 Септември 2021
КАБУЛ (АА) - Привремената талибанска Влада вчера одлучи дека за одржување на какви било протестни собири во иднина во Авганистан, мора да се добие дозвола од надлежните органи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Откако талибанците ја презедоа контролата врз Кабул на 15 август, мали групи жени организираа собири во градовите Херат, Мазар-е-Шариф и Кабул, барајќи да се заштитат нивните права.
Откако талибанците во понеделникот ја зазедоа провинцијата Паншир, принудувајќи ги силите на отпорот, предводени од Ахмад Масуд, да го напуштат градот, во Кабул и Мазар-е-Шариф се одржаа протести.
„Оние кои сакаат да одржат протестна прошетка или собир, мора да добијат дозвола од привременото Министерство за правда, а потоа ќе им биде осигурана безбедност“, се вели во соопштението на привременото Министерство за внатрешни работи на талибанската администрација.
Се додава дека роковите и другите детали мора да се споделат со надлежните органи најмалку три часа однапред, а мора да се добие и одобрување.
„Мал број лица ја нарушуваат безбедноста, ги вознемируваат луѓето и го нарушуваат нормалниот живот под превезот на демонстрации. Засега треба да избегнеме одржување демонстрации под каков било назив“, се вели во соопштението.
Талибанците наведуваат дека во случај на прекршување на оваа одлука, „одговорноста за секој инцидент ќе биде на прекршителите, кои ќе се соочат со сериозни правни дејствија“.