Ebu Bekir Aşkın
09 Септември 2021•Ажурирај: 10 Септември 2021
РАБАТ
Победник на парламентарните избори во Мароко што се одржаа на 8 септември е Националниот сојуз на независните (RNI), коалициониот партнер на Владата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Мароканскиот министер за внатрешни работи, Абдулвафи Лефтит, на прес-конференција ги објави резултатите од изборите за 395-члениот Претставнички дом што се одржаа вчера.
Лефтит истакна дека Националниот сојуз на независните (RNI), кој успеа да добие 97 пратеници, е победник на изборите.
Според него, преброени се 96 проценти од гласовите.
Лефтит исто така додаде дека Партијата за автентичност и модерност (PAM) освоила 82 места, партијата Истиклал - 78 места, Социјалистичкиот сојуз - 35, Народното движење - 26, Напредок и социјализам - 20, додека Уставната унија - 18 места.
Тој нагласи дека најголемиот партнер на Владата, Партијата на правдата и развојот (PJD), освоила 12 пратенички места, додека преостанатите 12 места се распределени меѓу другите 12 партии.
Во официјалната изјава што вчера ја даде Министерството за внатрешни работи на Мароко, соопштено е дека излезноста на парламентарните и локалните избори во земјата изнесува 50,18 проценти.