Şeyma Uzundere
09 Септември 2021•Ажурирај: 10 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Талибанците истакнаа дека Соединетите Американски Држави (САД) го прекршиле Договорот од Доха потпишан во 2020 година, не преземајќи чекори за имињата што треба да се отстранат од листата на санкции, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата на кабинетот на талибанскиот портпарол Забихулах Муџахид, наведени се реакции на критиките на американското Министерство за одбрана (Пентагон) за привремената Влада објавена во Кабул.
Опишувајќи ги изјавите на американските службеници дека членовите на талибанската Влада и членовите на семејството Хакани се на списокот за санкции со образложение дека се поврзани со тероризмот како „провокативни“, талибанците истакнаа дека најостро ги осудуваат САД.
Талибанците тврдат дека ставот на САД е „јасно кршење на Договорот во Доха“.
Во соопштението, во кое се наведува дека членовите на семејството Хакани се припадници на талибанците, се додава дека Договорот во Доха предвидува отстранување на „сите талибански службеници, без исклучок“ од листата на санкции на САД и Обединетите нации (ОН).
- Договор меѓу талибанците и САД
Договорот од Доха, потпишан меѓу САД и талибанците на 29 февруари 2020 година, предвидува отстранување на талибанците од списоците за санкции.
Во првиот дел од договорот, со почетокот на преговорите со Авганистанците, САД ветуваат укинување на тековните американски санкции и список на награди за талибанците до 27 август 2020 година.
Договорот се однесува и на санкциите на Обединетите нации (ОН) против талибанците.
Соодветно на тоа, предвидено е САД да започнат дипломатска иницијатива со другите членови на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) и Авганистан за отстранување на талибанците од списоците за санкции, и тоа треба да биде извршено до 29 мај 2020 година.
Преговорите со Авганистанците започнаа непосредно по потпишувањето на Договорот во Доха, но процесот заврши безуспешно.