Ahmet Furkan Mercan
09 Септември 2021•Ажурирај: 12 Септември 2021
ТОКИО (АА) - Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) упати повик до Јапонија за транспарентност при евакуацијата на радиоактивната отпадна вода од Нуклеарната централа „Фукушима“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Делегацијата, предводена од Лидие Еврард, шефица на Одделот за нуклеарна сигурност и безбедност на МААЕ, пристигна во Јапонија за да го следи и да го набљудува планот за евакуација.
Според јапонскиот јавен радиодифузер НХК, делегацијата се состанала со службениците на Министерството за индустрија на Јапонија и разговарале за конечната состојба на планот за евакуација.
Во своето обраќање, Еврард, набљудувачката мисија на делегацијата на МААЕ за спроведување на планот ја опиша како „прва од повеќегодишните мисии за поддршка на Јапонија“.
Наведувајќи дека страните ќе продолжат да преговараат за планот пред, за време и по евакуацијата, Еврард ги повика јапонските власти да обезбедат информации во согласност со „безбедноста и транспарентноста“ на планот.
Се истакнува дека делегацијата на МААЕ оваа недела ќе ја посети Нуклеарната централа „Фукушима“, лоцирана во регионите Окума и Футаба во провинцијата Фукушима, која се наоѓа во североисточниот дел од земјата.
Јошихиде Суга, премиерот на Јапонија, во април објави дека во Тихиот Океан ќе бидат пуштени отпадните води од Нуклеарната централа „Фукушима“, која пред 10 години беше оштетена од земјотресот и цунамито што следуваше потоа.
Додека соседните земји Кина, Јужна Кореја и Тајван реагираа на одлуката на Владата во Токио, САД изразија „разбирање“, Меѓународната агенција за атомска енергија објави дека ја поддржува.