Ömer Tuğrul Çam
09 Септември 2021•Ажурирај: 10 Септември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Официјални претставници на Европската Унија (ЕУ) соопштија дека формацијата „привремена Влада“, објавена од талибанците во Авганистан, не ги исполнува ветувањата што талибанците ѝ ги дадоа на меѓународната заедница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Питер Стано, портпарол на Комисијата на ЕУ, на дневната прес-конференција истакна дека сметаат дека привремената Влада објавена од талибанците не е „инклузивна“ и дека назначените лица немаат широка застапеност.
„Оваа Влада не е она што го ветија талибанците и не ја одразува богатата и разновидна културна и етничка припадност на Авганистан“, рече Стано.
Портпаролот Стано, потсетувајќи дека ќе ги оценат односите на ЕУ со талибанците според петте услови што ги објавија претходно, рече дека еден од овие пет услови е инклузивноста и дека првиот чекор на талибанците не ги исполни нивните очекувања.
„Очекуваме постојаната Влада да ја одразува нејзината инклузивност“, рече Стано.
Петте услови договорени на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ минатата недела се талибанците да не извезуваат тероризам во други земји, да ги почитуваат човековите права, владеењето на правото и слободата на медиумите, да ја олеснат испораката на хуманитарна помош, да дозволат странските државјани и Авганистанците кои се под ризик да заминат од земјата, како и да формираат инклузивна и репрезентативна преодна влада преку преговори меѓу политичките сили во Авганистан.
Еден од портпаролите на ЕУ, Ерик Мамер, истакна дека тие ќе бидат во „оперативен контакт“ со надлежните органи во врска со испораката на хуманитарна помош во Авганистан.
Мамер исто така наведе дека невладините организации кои работат во областа на хуманитарната помош особено сакаат експертски женски персонал да учествува во активностите за хуманитарната помош.
Меѓу другото, портпаролот Мамер подвлече дека помошта за развој што ЕУ ќе ја обезбеди за Авганистан, ќе зависи од петте услови што ги објавија претходно.