свет

Талибанска делегација на средба со кинескиот министер Ји: „Со Авганистан да управуваат Авганистанците“

„Авганистан му припаѓа на авганистанскиот народ, иднината и судбината на Авганистан треба да бидат во рацете на авганистанскиот народ“

Zehra Ulucak Kıdık  | 28.07.2021 - Обновена : 29.07.2021
Талибанска делегација на средба со кинескиот министер Ји: „Со Авганистан да управуваат Авганистанците“

АНКАРА (АА) - Делегација предводена од Мола Абдул Гани Барадар, шеф на Талибанското политичко биро во Катар, ја посети Кина, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Како што јави новинската агенција „Синхуа“, кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, се сретнал со Абдул Гани Барадар во градот Тијанџи, Кина.

За време на состанокот, Ванг истакна дека Кина, како негов најголем сосед, секогаш ги почитувала суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Авганистан и инсистирала на тоа дека не треба да се меша во внатрешните работи на оваа земја.

Министерот Ванг Ји, наведувајќи дека авганистанската политика на администрацијата во Вашингтон е неуспешна, рече дека сите страни во земјата треба да воспостават мир што е можно поскоро врз основа на принципот „со Авганистан да управуваат Авганистанци“.

„Авганистан му припаѓа на авганистанскиот народ, иднината и судбината на Авганистан треба да бидат во рацете на авганистанскиот народ“, нагласи Ванг.

Во соопштението од Талибанците се наведува дека делегацијата од девет члена заминала во дводневна посета на Кина и разговарала со кинескиот министер за надворешни работи за мировниот процес и безбедносните прашања.

Мохамад Наим, портпарол на Талибанското политичко биро во Катар, исто така на Твитер објави: „Во разговорите е дискутирано за прашања од политиката, економијата и безбедноста на двете земји, како и за моменталната состојба во Авганистан и мировниот процес.“

Наим исто така истакна дека талибанската делегација ја уверувала Кина дека нема да дозволат авганистанска територија да се користи против која било странска земја.

На социјалните мрежи беше споделена и фотографија од средбата на Ванг со делегацијата на Талибанците.

Кина, исто така, беше домаќин на талибанската делегација во 2019 година. Делегацијата се состана со тогашниот кинески специјален пратеник во Авганистан, Динг Шиџун.

- Мировен процес -

Ветувањето на САД дека сите странски сили ќе го напуштат Авганистан со потпишување Мировен договор со Талибанците на 29 февруари 2020 година беше пресвртна точка за земјата.

По потпишувањето на Мировниот договор меѓу САД и Талибанците, на 12 септември 2020 година, преговорите меѓу Авганистанците започнаа во Доха, главниот град на Катар.

Преговорите беа напуштени во февруари 2021 година без никакви видливи резултати.

Преговорите насочени кон ставање крај на повеќегодишното насилство во Авганистан продолжија на 17 јули во Доха, главниот град на Катар. На состанокот во Доха, делегациите на талибанската Влада и авганистанската Влада се согласија да ги забрзаат преговорите и да одржат нова средба за да се постигне праведно решение.

Талибанците го засилија притисокот низ целата земја од февруари. Талибанците, кои гарантираа дека нема да нападнат странски сили со Договорот во Доха, преземаа насилни акции против авганистанските безбедносни сили.

Додека мировниот процес во Авганистан останува неизвесен, судирите меѓу безбедносните сили и Талибанците продолжуваат.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.