Dmitri Chirciu,Emre Gürkan Abay
09 Јули 2021•Ажурирај: 10 Јули 2021
МОСКВА (АА) - Претставникот на канцеларијата на Талибанците во Катар, Шахабудин Делавар, изјави дека нивната цел не е потполно узурпирање на власта во Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Делегацијата на Талибанците, која престојува во Москва, главниот град на Русија, одржа прес-конференција за случувањата во Авганистан.
Делавар рече дека тие окупирале 85 отсто од територијата на Авганистан.
„Во Авганистан зазедовме 174 покраински центри. Сево ова не може да се направи со употреба на оружје. Тоа покажува и дека авганистанското општество е уморно од властите во Кабул“, изјави Делавар.
Тој посочи дека тие не се обидуваат да ја преземат власта во земјата.
„Ние немаме цел целосно да ја узурпираме моќта во Авганистан“, рече Делавер.
Тој истакна дека ќе ги преземе сите неопходни иницијативи за борба против производството и шверцот на дрога во Авганистан.
„Ние исто така ги повикуваме сите меѓународни организации да не прекинуваат и да продолжат со испорака на хуманитарната помош во Авганистан“, рече Делавар, додавајќи:
„Движењето на граѓаните и комерцијалните пратки ќе се одвиваат врз основа на законот и во таа смисла ќе бидат обезбедени сите потребни услови.“
Тој исто така истакна дека се борат против терористичката организација ДЕАШ во Авганистан.
„Ќе сториме сѐ што е потребно за да се осигураме дека терористичката организација ДЕАШ не работи во Авганистан“, рече Делавар.
Тој додаде дека САД не ги испочитувале договорите за ослободување на Талибанците кои ги заробиле:
„САД не ги укинаа санкциите против некои Талибанци. Сите санкции против Талибанците мора да бидат укинати.“
Еден од портпаролите на Талибанците, Мохамад Сухаил Шахин, коментирајќи го прашањето за окупацијата на покраинските центри во Авганистан, рече дека тие никогаш не му ветиле на официјален Вашингтон дека нема да ги напаѓаат провинциските метрополи.
„Тоа не се наоѓа во клаузулите на преговорите и договорите со САД. Тоа е нашето внатрешно прашање што нема никаква врска со склучените договори“, објасни Шахин.
Тој рече дека и понатаму продолжуваат да имаат контакти со авганистанската Влада.
„Разговараме за прекин на огнот со Владата во Кабул. Доколку разговорите во Доха бидат успешни, ќе ги запреме нашите напади. Пред сè, мора да постигнеме одредени резултати во однос на политичката структура на Авганистан“, рече тој.
Талибанскиот претставник Абдулхалеб Мансур истакна дека процесот на повлекување на американските трупи од Авганистан продолжува.
„Сметаме дека Американците ќе ги исполнат своите ветувања за ова прашање“, рече Мансур.
Ситуацијата во Авганистан стана покомпликувана откако американскиот претседател Џо Бајден објави дека сите американски сили ќе се повлечат од таа земја зафатена со војна до 11 септември оваа година, а сојузниците на НАТО најавија дека ќе го сторат истото.
Мировниот процес во Авганистан станува сè понеизвесен, а повлекувањето на странските мировници го засили насилството.
Талибанското движење презеде контрола над десетици области во Авганистан во последните два месеци. Судирите меѓу авганистанските сили и Талибанците продолжуваат во најмалку 190 области.