Enes Kaplan
09 Јули 2021•Ажурирај: 10 Јули 2021
ДИЈАРБАКИР
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека претседателскиот систем, кој Турција го воведе пред три години, е многу ефикасен и корисен систем на управување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган клањаше џума-намаз, муслиманската молитва во петок, во Џамијата „Фатих паша“ во градот Дијарбакир во Турција, а по молитвата одговараше на прашањата на новинарите.
Тој се осврна на кампањата на вакцинација против Ковид-19 во Турција.
„Досега имаме употребено повеќе од 58 милиони дози вакцини. Сега воведуваме систем за градација во процесот на вакцинација според возрасните групи. Ги употребуваме вакцините на „БајоНТех“ и „Синовак“. Наскоро ќе ги угостиме и Угур Шахин [директорот на германската компанија за биотехнологија „БајоНТех“] и неговата сопруга“, изјави Ердоган.
На прашањето за претседателскиот систем што Турција го воведе пред три години, Ердоган рече дека ова е многу ефикасен и корисен систем на управување.
„Претседателскиот систем дополнително ги забрзува чекорите што ги преземаме и одлуките што ги носиме. Затоа, овој систем е многу корисен за нашата земја. Бидејќи органите за носење одлуки функционираат многу побрзо, чекорите се прават многу полесно на овој начин. Како што можеме да видиме, таквиот систем е присутен и во најразвиените земји во светот. Турција исто така започна да постигнува многу подобри резултати со усвојување на овој систем“, рече Ердоган.
Тој исто така ја искоментира и постапката на повлекувањето на американските сили од Авганистан и преговорите меѓу Турција и САД во врска со обезбедувањето поддршка за непречено функционирање на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул.
„Вчера, нашиот министер за одбрана имаше состанок со американскиот министер за одбрана по ова прашање. Во моментов разговараме со САД, како и со НАТО. Донесовме одлуки за тоа кои ќе бидат должностите на Турција на Аеродромот „Хамид Карзаи“, што прифаќаме и што не прифаќаме во однос на ова прашање. За овие прашања разговаравме и на состаноците со Џо Бајден за време на Самитот на НАТО, како и на состанокот на делегациите на нашите земји. Се надеваме дека ќе ја извршиме оваа задача во Авганистан на најидеален начин“, изјави Ердоган.