свет

Суданскиот премиер постави четири цели за политичкиот договор со војската

Договорот помеѓу Хамдок и Ал Бурхан предвидува 14 точки, враќање на Хамдок како премиер, формирање квалификувана стручна влада, ослободување на политичките затвореници и залог за заедничко продолжување на демократската патека на земјата

24.11.2021 - Обновена : 24.11.2021
Суданскиот премиер постави четири цели за политичкиот договор со војската

КАРТУМ (АА) - Суданскиот премиер Абдала Хамдок, истакна дека има четири основни цели од политичкиот договор помеѓу него и челникот на владејачкиот Воен совет, генералот Абдел Фатах ал Бурхан, јавува Агенција Анадолија (АА).

Договорот помеѓу Хамдок и Ал Бурхан, објавен во неделата, предвидува 14 точки, вклучително и враќање на Хамдок како премиер, формирање квалификувана стручна влада, ослободување на политичките затвореници и залог за заедничко продолжување на демократската патека на земјата.

На состанокот со претседателите на суданските универзитети, тој рече дека целта на договорот е да го сочува Судан од крвопролевање, да ја заштити неговата територија, да го продолжи мировниот процес и да започне со процес на цивилна и демократска трансформација, како и да ја развие економијата на земјата.

Додека договорот во голем дел беше поздравен од страна на меѓународната заедница, политичките сили на Судан го означија како „обид да се легитимизира пучот“.

Дванаесет министри кои ја претставуваат коалицијата „Сили за слобода и промени“ (FFC), ги објавија своите оставки во понеделникот како протест против договорот.

По потезите на Ал Бурхан кои ја соборија Владата на Хамдок на 25 октомври, Судан беше сведок на масовни протести во кои животот го изгубија 41 граѓанин, соопшти Суданскиот комитет на доктори.

Пред военото преземање на земјата, Судан беше управуван од страна на суверениот Воен совет и цивилните службеници, кои го надгледуваа периодот на транзиција до изборите во 2023 година како дел од пактот за поделба на власта помеѓу војската и коалицијата „Сили за слобода и промени“ (FFC).



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.