Ekip
13 Април 2019•Ажурирај: 14 Април 2019
КАРТУМ (АА) - Најмалку 16 лица загинаа и 20 се повредени во Картум поради нарушената безбедносна состојба во земјата по соборувањето на суданскиот претседател Омар ал Башир, јавува Anadolu Agency (AA).
Суданската полиција соопшти дека во главниот град во изминатите два дена биле пријавени неколку кражби.
„Одметниците ја искористија моменталната состојба во земјата за да извршат кражби и други криминални активности“, се вели во соопштението.
Суданската војска во четвртокот, по повеќемесечни протести го собори претседателот Омар ал Башир, кој владееше со Судан од 1989 година.
Војската исто така формираше и Воен совет кој ќе ја води земјата во преоден период од две години.
Полицијата соопшти дека камповите кои антирежимските демонстранти ги поставиле во текот на изминатите денови во Картум и во другите градови, го попречиле сообраќајот и предизвикале низа криминални активности во земјата.
Суданското професионално здружение, кое ги предводеше протестите против режимот на Ал Башир, ги повика поддржувачите да ги продолжат протестите сѐ додека владејачкиот Воен совет не ја предаде власта на цивилната Влада.
Министерот за одбрана, Ахмед Авад Ибн Ауф, синоќа поднесе оставка на позицијата шеф на Воениот совет и на негово место го назначи Бурхан.