Muhammed Semiz
14 Јули 2021•Ажурирај: 15 Јули 2021
РАМАЛА (АА) - Околу 100 израелски војници кои до скоро биле на должност на окупираниот Западен Брег побараа од министерот за одбрана, Бени Ганц и од министерот за внатрешна безбедност, Омер Бар Лев, да го запрат насилството што еврејските доселеници го спроведуваат врз Палестинците, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја соопшти радиото на Израелската армија, околу 100 израелски војници кои штотуку го завршиле својот воен рок, испратиле писмо до министерот за одбрана, Ганц и до министерот за внатрешна безбедност, Лев, за нивните искуства на Западниот Брег.
Поранешните војници кои го потпишаа писмото ги повикаа Ганц и Лев на акција „против феноменот на доселеничко насилство“, наведувајќи дека тие се одговорни за спротивставувањето на насилството што го спроведуваат еврејските доселеници.
Во писмото, во кое се забележува дека расте насилството врз Палестинците од страна на еврејските доселеници, кое молкум, со години е поддржано од израелската држава, се вели:
Во писмото се наведува дека минатата година феноменот на доселеничкото насилство било манифестирано и интензивирано во форма на „уништување на приватен имот, фрлање камења, физичко насилство врз Палестинците и напади врз активистите и [израелските] безбедносни сили“.
Поранешните војници своето писмо го завршуваат со зборовите: „Ние бевме испратени да ги браниме нив [еврејските доселеници], но немавме средства да им се спротивставиме.“
Според веста што ја објави израелскиот весник „Маарив“ (Maariv), израелските војници, потписници на писмото кои штотуку ја завршиле својата должност, во изјавата за медиумите дадена откако го испратиле писмото, навеле дека според податоците на израелското Министерство за одбрана, во 2020 година биле пријавени 370 инциденти на насилство извршени од страна на еврејските доселеници на Западниот Брег, од кои 42 биле против израелската полиција и војници.
На Западниот Брег, кој Израел го окупира во 1967 година, има повеќе од 250 илегални еврејски населби. Повеќе од 450.000 еврејски доселеници кои живеат на тие места, уште повеќе им го отежнуваат животот на Палестинците кои живеат под окупација на Западниот Брег.
Според меѓународното право, сите еврејски населби на окупираната палестинска територија се сметаат за нелегални.