Laura Gamba Fadul
14 Јули 2021•Ажурирај: 15 Јули 2021
БОГОТА (АА) - Едно лице почина за време на протестите што започнаа во неделата во Куба поради незадоволството од растечката економска криза за време на пандемијата на коронавирусот, соопшти Кубанската новинска агенција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за внатрешни работи истакна дека 36-годишниот Диубис Лауренсио Техеда починал во општината Аројо Нарањо на периферијата на Хавана во случувањата што агенцијата ги опиша како „безредија“.
Најмалку 219 лица се приведени или се исчезнати, соопшти продемократската група „Куба Одлучува“. Таа објави список на активисти за кои истакна дека се приведени од страна на властите. Демонстрантите преку социјалните мрежи го осудија приведувањето на демонстрантите од страна на кубанските безбедносни сили.
Меѓу приведените беше и новинарката Камила Акоста, која известуваше за протестите за шпанскиот весник АБЦ (ABC). Шпанскиот министер за надворешни работи, Хосе Мануел Алварес, преку твит повика на нејзино итно ослободување, велејќи дека Шпанија го брани правото за слободни и мирни демонстрации и ги повика кубанските власти да го почитуваат тоа. „Ние ги браниме човековите права“, додаде Алварес.
Илјадници луѓе излегоа на улиците во неделата во градовите низ земјата во знак на протест поради недостигот на храна, гориво и лекови, како и поради прекините на електрична енергија во услови на економска криза која е влошена од санкциите наметнати од САД. Тоа се најголемите протести во последните неколку децении на островот.
Претседателот на Куба, Мигел Дијаз-Канел, ги обвини САД за политиката на економско задушување што „предизвика социјални немири во земјата“. Претседателот истакна дека на протестите имало криминалци.
„Има група луѓе што прават кривични дела. Вчера видовме деликвенти. Вчера демонстрациите не беа мирни. Имаше вандализам. Тотално вулгарно, непристојно, деликвентно однесување", рече Канел во понеделникот, и додаде: „Тие им се спротивставија на луѓето со насилство и луѓето се бранеа“.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека кубанската Влада мора да го почитува правото на своите граѓани на протести.
„Кубанскиот народ храбро ги брани основните и универзални права. Тие права, вклучувајќи го и правото на мирни протести и правото на слободно одредување на сопствената иднина, мора да се почитуваат“, рече Бајден.