Şerife Çetin
23 Октомври 2019•Ажурирај: 24 Октомври 2019
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во однос на североисточниот дел на Сирија, рече: „Мислам дека случувањата во последниве денови се ветувачки. Овие случувања покажуваат дека е можно политичко решение во Сирија“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг во изјавата за медиумите пред почетокот на состанокот на министрите за одбрана на НАТО што ќе се одржи во Брисел, Белгија, на 24-25 октомври, истакна дека Алијансата го поддржува процесот на политичко решение за Сирија спроведено со Обединетите нации (ОН).
„Многу сум задоволен што степенот на насилства [во североисточна Сирија] се намали по договорот постигнат меѓу Турција и САД“, нагласи Столтенберг.
Истакнувајќи дека е јасно дека има несогласување меѓу сојузниците за Сирија, Столтенберг рече дека во тој контекст НАТО претставува важна платформа за чесни и отворени дискусии.
Столтенберг, наведувајќи дека сите актери во областа треба да се однесуваат умерено и да го почитуваат меѓународното право, рече дека последните случувања уште еднаш покажуваат колку е важно политичкото решение во Сирија.
- Договорот меѓу Русија и Турција
Столтенберг, посочувајќи дека заштитата на придобивките против терористичката организација ДЕАШ е од големо значење, рече дека НАТО игра важна улога во овој контекст.
На прашањето за вчерашниот договор меѓу Русија и Турција, Столтенберг нагласи: „Мислам дека е премногу рано да се коментираат резултатите од договорот меѓу претседателот [Реџеп Таип] Ердоган и претседателот [Владимир] Путин.“
- „Развојот на настаните е ветувачки“
Столтенберг наведе дека на состанокот со Ердоган пред неколку дена истакнал дека Турција има легитимна загриженост за безбедноста и дека ниту еден сојузник не бил цел на терористички напади како Турција.
Столтенберг, исто така додаде:
„Мислам дека случувањата во последниве денови се ветувачки. Овие случувања покажуваат дека е можно политичко решение во Сирија. За да има политичко решение треба да запрат конфликтите. Откако конфликтите ќе се намалат во голема мера, треба да се засилат напорите за политичко решение. Мислам дека тоа нема да биде лесно, но сакам да подвлечам дека е многу важно.“
- „Значајни се мерките за безбедност приспособени за Турција“
Одговарајќи на прашањето за мерките за безбедност донесени за Турција, Столтенберг рече дека многу години земјите членки наизменично преземаат различни улоги во оваа област.
Столтенберг, посочувајќи дека сојузниците на НАТО одлуките за нивниот придонес ги носат на национално ниво, рече: „Ќе продолжам да ја потенцирам важноста на овие приспособени мерки и да ги повикувам сојузниците. Покрај нашите различни размислување во однос на Сирија, треба да ги исполниме нашите обврски во областите во кои дејствуваме заедно.“
Осврнувајќи се на предлогот на Германија за меѓународна безбедна зона на границата на Сирија, Столтенберг нагласи: „Политичкото решение може да дојде на различни начини. Она што е важно е да ги опфаќа сите актери на теренот. Затоа го поздравувам секој предлог од сојузниците на НАТО што ќе доведе до напредок.“