Mustafa Deveci
24 Септември 2022•Ажурирај: 26 Септември 2022
ХАРКОВ (АА)
- Мустафа ДЕВЕЏИ
Градот Стари Салтов во областа Харков, во источниот дел на Украина, уништен е во војната што Русија ја започна на 24 февруари оваа година, пишува Агенција Анадолија (АА).
Оние што останаа во градот, во кој се направени големи разорувања, се обидуваат да живеат без основните животни потреби.
Сместен во источниот регион на Харков, во ова место пред војната живееја околу 4.000 луѓе.
Стари Салтов, сместен на околу 40 километри од руската граница, беше сцена на жестоки судири. Трагите од војната се забележуваат на секој чекор.

Уништени се згради, возила, разни институции...
Поради судирите, поголемиот дел од населението било принудено да го напушти тоа подрачје и да замине на побезбедни места.
Иако во регионот и околу него нема судири, многу малку луѓе живеат во ова место, а улиците се пусти. Оние што останаа, се обидуваат да ги исчистат и поправат своите домови оштетени во нападите.

Жителите живеат без струја, вода и природен гас. Поради доаѓањето на зимата, мал број жители се одлучиле да се вратат во уништените куќи.
Во нападите на руските сили уништена е и куќата на 63-годишниот Виктор Базарни. Неговиот дом е погоден на 15 мај.
„Бев тука кога дојдоа Русите. Подоцна нашите луѓе, Украинците, дојдоа тука, а Русите се повлекоа на другата страна од реката. Почнаа борби и гранатирања. Главно, имаше бомбардирања наутро и напладне. Сите многу се исплашивме. Кога ја погодија мојата куќа, бев во подрумот. Се чу експлозија. Земјата се тресеше. Излегов од подрумот и видов дека повеќе немам дом“, раскажа Базарни.

Наведувајќи дека по нападите со ќерката се засолнил во Харков, Базарни рече дека во градот живее веќе 40 години.
Желба му е да ја обнови својата уништена куќа, но во моментов нема финансиски средства.
„Не е можно сам да ја поправам куќата. Ќе го сториме тоа кога ќе бидеме во можност. Ќе ја градам додека сум жив. Израснав тука. Не сум навикнат на живот во град“, појасни Базарни.
Во нападите е уништена и куќата на Љуба (73). Привремено живеела во Харков, а потоа се вратила во својот дом.
Со синот се обидува да ја среди куќата за да може во неа да ја дочека зимата.
„Не знам каква ќе биде зимата. Ако имаме доволно дрва, тогаш ќе можеме да презимиме тука. Можеби повторно ќе заминеме за Харков кај роднините“, додаде Љуба.