Ekip
05 Мај 2017•Ажурирај: 06 Мај 2017
АСТАНА (АА) - Земјите-гаранти Турција, Русија и Иран, вчера, на вториот ден од четвртиот круг на преговорите во казахстанскиот главен град Астана, потпишаа договор за формирање на зони без судири, односно безбедни зони на подрачјето на Сирија, кој од денес стапува на сила, јавува Anadolu Agency (AA).
Работните групи на земјите-потписнички на договорот работат на прецизирање на граничните зони во кои ќе бидат потполно спречени воените дејствија, освен борбата против терористичката организација ДЕАШ.

Договорот подразбира формирање на „зони без оружени судири“ во четири региони и безбедни подрачја долж границата на споменатите региони во земјата зафатена од војна.
Управувањето на безбедните зони ќе го надгледуваат и ќе го следат единиците на земјите-гаранти на денешниот договор.
Овој договор е потпишан во рамките на главниот состанок на четвртиот круг од преговорите во Астана.
Да потсетиме, воената делегација на сириската опозиција на самиот почеток го суспендираше своето учество во четвртиот круг на мировните преговори.
Во договорот, до кој дојде АА, се наведува дека трите земји потписнички јасно ја потврдиле посветеноста на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Сирија.
Исто така, изразена е одлучност да се намалат воените тензии и да се обезбеди заштита на цивилното население во Сирија.
Според потпишаниот договор, ќе се формираат „зони без судири“ во Идлиб, во одредени делови во соседните градови Лазкија, Хама и Алепо, во одредени делови на северниот дел на Хомс, во Источна Гута и Дамаск и во местата Дера и Кунејтра на северниот дел од Сирија.
Во договорот исто така се споменува дека „зоните без судири“ и безбедносните зони се привремени мерки коишто во првата фаза на примената на договорот ќе останат на сила во текот на шест месеци.
Доколку земјите-гаранти постигнат нов договор, тој период ќе биде автоматски продолжен.
Предвидено е во „зоните без судири“ да бидат запрени сите оружени напади, вклучувајќи воздушни напади меѓу сирискиот режим и опозициските групи и на најбрз можен начин да се обезбеди доставување на хуманитарна помош во споменатите зони. Борбата против терористичката организација ДЕАШ ќе биде продолжена.
Со договорот се предвидува на цивилното население да му се достават најосновните потреби и лекови, да се преземат мерки за обезбедување на снабдувањето со вода и електрична енергија во споменатите подрачја.
Според договорот, ќе бидат обезбедени потребните услови за бегалците и раселените лица да се вратат во своите домови.
Долж границите на споменатите региони ќе бидат воспоставени безбедносни зони за да се спречат судирите и инцидентите меѓу завојуваните страни.
Во рамките на безбедните зони ќе се наоѓаат контролни точки за да се обезбедни непречено движење на невооружените цивили, достава на хуманитарна помош и да се обезбедат одредени економски активности.
Со договорот е предвидено во рамките на безбедните зони да има и караули, за да се обезбеди спроведување на прекинот на огнот. Управувањето над безбедните зони, контролните точки и караулите ќе го вршат единиците на земјите-гаранти. Во случај на потреба, земјите-гаранти, со постигнување на косензус, може да ангажираат и трети страни.
Според текстот на договорот, борбата против Ал Каеда и ДЕАШ ќе биде продолжена во и надвор од „зоните без судири“.
Земјите-гаранти две недели по потпишувањето на меморандумот ќе формираат заедничка работна група којашто ќе ги одреди границите на „зоните без судири“ и безбедносните зони.
Земјите-гаранти исто така ќе ги преземат потребните чекори за да ја завршат подготовката на мапата за „зоните без судири“ и безбедносните зони.