Gülsüm İncekaya
28 Септември 2020•Ажурирај: 29 Септември 2020
ИСТАНБУЛ
- Ѓулсум ИНЏЕКАЈА
Доц. д-р Мурат Јешилташ, директор за безбедносни истражувања на Фондацијата за политички, економски и социјални истражувања (SETA), истакна дека конфликтот што започна меѓу Ерменија и Азербејџан може се претвори во ограничена војна или во војна што ќе трае долго време.
Мурат Јешилташ, исто така, рече дека меѓународната и регионалната конјунктура се многу погодни за ова и дека во евентуална војна, Азербејџан може да го земе подрачјето на Нагорно Карабах под своја контрола.
Судирите започнаа вчера утрото откако ерменските сили отворија оган врз азербејџанските цивилни населби на линијата на фронтот Ерменија - Азербејџан. Азербејџанската Армија започна со контранапад и ослободи некои села од ерменската окупација.
Официјалниот претставник на Кабинетот на претседателот на Азербејџан, Хикмет Хаџијев, во синоќешната изјава соопшти дека од 28 септември властите на земјата прогласиле воена состојба во 19 провинции и дистрикти, вклучувајќи го и главниот град Баку.
Коментирајќи ги нападите на Ерменија врз Азербејџан, доц. д-р Јешилташ за АА изјави дека проблемот Нагорно Карабах не може да се реши поради агресивното однесување на Ерменија, кое е далеку од дипломатија.
Посочувајќи дека долг период во Азербејџан продолжува трендот за тоа дека проблемот Нагорно Карабах може да се реши преку вооружен конфликт, а не преку дипломатија, Јешилташ нагласи: „Азербејџанскиот народ и државата јасно видоа дека Нагорно Карабах нема да биде вратено назад преку дипломатија и дека единствениот начин е воено решение. Постојаните провокативни напади на Ерменија, исто така, помогнаа да се стигне до тоа размислување. Азербејџан јасно го виде тоа во изминатите месеци кога ерменските вооружени елементи извршија напади во регионот Товуз.“
Јешилташ изјави дека во последните години Азербејџан го искористил своето право на самоодбрана со моментални интервенции на провокативните напади на Ерменија.
„Азербејџан, кој е технолошки опремен, сега веќе различно одговара на нападите на Ерменија. Сега има посилно верување и волја за ова прашање. Повторната провокација врз Азербејџан може да го започне процесот на повторното враќање на Нагорно Карабах. Азербејџан беше многу подготвен и за прв пат видовме дека даде многу сериозен одговор“, додаде Јешилташ.
Наведувајќи дека нападите можат да бидат и за да се одвлече вниманието на Турција од областите каде што има интензивни активности, Јешилташ рече:
„Има многу причини за агресивниот однос на Ерменија кон Азербејџан, но најважната причина е да се одвлече вниманието на Турција од областите каде што има интензивни активности. Франција има проблеми со Турција во Источниот Медитеран, Русија има проблеми со Турција во Либија и Сирија. Во време кога се отвораше вратата за дипломатија во Источниот Медитеран, вниманието на Турција го одвлече судирот меѓу Ерменија и Азербејџан. Можеби сакаат да ја ослабнат Турција во дипломатијата или пак, сакаат да испратат порака.“
- „Азербејџан може да ја преземе контролата врз Нагорно Карабах“
Посочувајќи дека Ерменија јасно започнала да го гледа развојот на Азербејџан, кој има свои природни ресурси, Јешилташ рече дека Ерменија се обидува да го спречи развојот организирајќи напади од различни точки во секоја прилика.
Тој, исто така, изјави дека Ерменија се обидува да го консолидира домашното јавно мислење и дека тензијата меѓу Азербејџан и Ерменија на краток рок може да прерасне во меѓудржавен конфликт.
„Конфликтот што започна меѓу Ерменија и Азербејџан може се претвори во ограничена или во војна што ќе трае долго време. Меѓународната и регионалната конјунктура се многу погодни за ова. Секако треба да се разгледаат и ставовите на големите актери, како што се Турција, Русија, Франција и САД. Ако тие не сакаат да започнат со дипломатија што ќе ја спречи војната, може да дојде до сериозна војна. А тоа може да резултира Азербејџан да го преземе регионот на Нагорно Карабах под своја контрола. Всушност тоа го видовме вчера, по нападите на Ерменија, Азербејџан во контранапади врати некои села. Тоа е исклучително важно.“
Истакнувајќи дека можниот конфликт меѓу Азербејџан и Ерменија значително ќе го дестабилизира регионот на Јужен Кавказ, Јешилташ нагласи дека меѓународните актери не можат да го преземат овој ризик.