БАКУ
- Толга ОЗГЕНЧ
Повторно на дневната агенда во светот, поради интензивираните напади од страна на Ерменија, како и во изминатите 30 години, е прашањето за окупацијата на Нагорно Карабах во подрачјето на Кавказ, прашање што не може да се реши, ниту пак, може да се замрзне, пишува Агенција Анадолија (АА).
Додека од една страна се коментира дека кризата до која дојде по интензивирањето на нападите од страна на администрацијата на Ереван е со цел да се одврати вниманието од социјалните и економските проблеми во Ерменија, азербејџанската страна посакува конечно да им бидат вратени назад окупираните територии.
Договорот за прекин на огнот остана само на хартија, а земјите што се собраа на едно место, со цел изнаоѓање решение за проблемот меѓу Азербејџан и Ерменија, им продаваа оружје на двете страни. Ви претставуваме детали од кризата во Нагорно Карабах, за која не е најдено решение по дипломатски пат:
1. Кога и како започна конфликтот во Нагорно Карабах?
Почетокот на конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија е од почетокот на 20 век. Во периодот на Советскиот Сојуз, Јосиф Висарионович Сталин одлучи во границите на Азербејџан, во подрачјето на Нагорно Карабах, да создаде ерменски автономен регион. За таа цел, од различни подрачја насели во тоа место голем број Ерменци. Оваа политика на Русите започна да ги носи своите крвави плодови кон крајот на 1990-тите.
Кога Советскиот Сојуз започна да слабее, Ерменците ги изразија своите барања за трансфер на Карабах од Советски Азербејџан во Советска Ерменија. Недоразбирањата меѓу двете заедници се претворија во конфликт и во голема војна во раните 1990-ти.
Ерменците што ја добија поддршката на Русите, го окупираа Ханкенди (Степанакерт) во 1991 година и Шуша и Хоџали во 1992 година. Подоцна Ерменците ги зазедоа и подрачјата Лачин, Хоџавенд, Келбаџар, Агдере, а во 1993 година влегоа и во Агдам. По Агдам окупирани беа и подрачјата Џебраил, Фузули, Губадли и Зенгилан. Во тој период Ерменците спроведоа геноцид врз азербејџанското население. Окупирани беа 20 % од територијата на Азербејџан, а околу 1 милион Азербејџанци беа принудени да ги напуштат своите домови.
2. Што е Протоколот од Бишкек, што беше потпишан пред 26 години и остана само на хартија?
Со зголемувањето на масакрите што ги спроведуваше Ерменија, со иницијатива на Интерпарламентарното собрание на Заедницата на независни држави, Парламентот на Република Киргистан, Федералното собрание на Русија и Министерството за надворешни работи во Бишкек, на 4-5 мај 1994 година одржаа состанок на кој страните потпишаа договор за прекин на огнот, познат како Протокол од Бишкек.
Со Протоколот потпишан на ниво на претставници од парламенти беше договорено од 12 мај 1994 година страните да прогласат прекин на огнот, да не организираат заемни напади, да се повлечат силите од „заземените територии“, повторно да биде пуштена во употреба инфраструктурата, да биде потпишан безбеден и законски обврзувачки договор што ќе обезбеди механизам за враќање на бегалците.
Копијата од документот донесена во Баку беше потпишана на 8 мај откако беа направени некои измени од страна на тогашниот претседател на Парламентот. На инсистирање на азербејџанската страна, во текстот зборот „заземени“ беше заменет со зборот „окупирани“.
Протоколот предвидуваше изработка на сеопфатен договор во иднина, но мировниот договор споменат во Протоколот не можеше да се склучи поради несогласувањата меѓу двете страни, иако оттогаш минаа многу години.
Иако на големите напади и операции им беше ставен крај со Протоколот, сепак примирјето остана само на хартија, а во конфликтите во изминатите 26 години, иако и обете страни не даваат точни податоци за загубите во своите трупи, има илјадници загинати војници.
3. Зошто меѓународните организации не изнајдоа решение?
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ја формираше Минската група на 24 март 1992 година, со цел да се поттикне изнаоѓање мирно решавање на конфликтот во Нагорно Карабах. Русија, Франција и САД станаа копретседавачи на групата. Минската група на ОБСЕ, формирана за изнаоѓање решение за проблемот, досега не постигна никакви резултати.
Копретседавачите со Минската група, кои периодично ги посетуваа двете земји и се состануваа со претставниците на власта, секој пат ги предупредуваа и двете страни да не го прекршуваат примирјето.
4. Како Русија придонесе за ќор-сокакот во Нагорно Карабах?
Додека Русија од една страна беше копретседател на групата за изнаоѓање решение, од друга страна таа создаваше состојба на неизвесност, водејќи политика со која и двете страни ги држеше во своите раце. Пред и по договорот за прекин на огнот, потпишан меѓу Ерменија и Азербејџан во 1994 година, секогаш во агендата на Русија беше вооружувањето на Ерменија.
Во тој период Русија директно ѝ донирала оружје на Ерменија или ѝ доделила кредит, при што на Ерменија ѝ продавала оружје со цени како на рускиот домашен пазар. Со извештајот подготвен од Лев Рохлин, шеф на Комисијата за одбрана на Државната дума, што е долно крило на Федералното собрание на Руската Федерација во 1997 година, откриено е дека Русија на Ерменија ѝ донирала оружје во вредност од 1 милијарда долари во периодот помеѓу 1993-1996 година. Од друга страна, во руските медиуми се појавија написи во кои се наведува дека и во 2008 година Русија ѝ донирала оружје на Ерменија во висина од 800 милиони долари.
Поранешниот ерменски претседател Серж Саргсјан, по нападите во Товуз во јули оваа година, во својата изјава за медиумите дадена на 19 август информираше дека Русија испратила повеќе од 50.000 тони оружје во Ерменија во периодот 2010-2018 година. Со договорот за заем потпишан меѓу двете земји во 2015 година, Русија на Ерменија ѝ додели заем во висина од 200 милиони долари за купување оружје, а во рамките на овој заем, Ерменија го купи оружјето по цени како на рускиот домашен пазар. Во 4-дневниот судир на линијата на фронтот во 2016 година, откако Азербејџан од окупација ослободи некои од своите стратешки висорамнини, Русија ги постави во Ерменија ракетите „Александар-М“.
5. Каков е ставот на Турција по прашањето за Нагорно Карабах?
Турција уште од од првиот ден на избувнувањето на кризата, што длабоко ги погоди Кавказот и неговата околина, го поддржа ставот на Азербејџан во согласност со законите на меѓународното право и одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН). Турските власти, особено претседателот Реџеп Таип Ердоган, на меѓународните состаноци на кои учествуваа упатуваа повици Ерменија да стави крај на окупацијата. Администрацијата на Анкара често изјавуваше дека дипломатските односи со Ерменија нема да бидат воспоставени сè додека не се стави крај на окупацијата на азербејџанските територии. Турција, на секоја платформа на која учествуваше, потенцираше дека за Турција е прифатливо она решение за конфликтот во Нагорно Карабах што ќе го прифати Азербејџан.
6. Кои се предлозите на страните за решение во Нагорно Карабах, замрзнатиот проблем на Кавказ?
Ниту една земја, ниту пак, некоја меѓународна организација не ја признаа окупацијата на териториите на Азербејџан од страна на Ерменија, а не е призната ниту наводната република основана на тие територии.
За сето тоа време, Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) донесе четири резолуции со кои се бара Ерменија веднаш да ги напушти окупираните територии, но администрацијата на Ереван не ги почитуваше овие одлуки.
Азербејџанската страна, како предуслов за започнување на процесот за решавање на прашањето меѓу двете земји, бара повлекување на ерменските војници од окупираните територии.
Додека Владата на Баку за Нагорно Карабах ветува автономија со висок статус, Ерменија сака овој регион да биде независен и одвоен од Азербејџан.
news_share_descriptionsubscription_contact
