Recep Canik
28 Март 2017•Ажурирај: 28 Март 2017
МОГАДИШУ (АА) - Илјадници семејства во Сомалија се соочени со проблемите со недостаток на вода за пиење, глад и разни видови на болести, а турската хуманитарна фондација за Човекови права и слободи (ИХХ) им пријде напомош на семејствата кои живеат во колективните кампови, јавува Anadolu Agency (AA).
Градот Бајда е најтешко погоден од сушата, а претставникот на ИХХ, Јусуф Авџи, за АА истакна дека во следните 15 дена секојдневно ќе обезбедуваат цистерни од 12 тони вода за пиење и храна за жителите на овој град, кој се наоѓа на 250 километри од главниот град Могадишу.
Авџи рече дека семејствата од руралните области во потрага по вода за пиење пешачат и до 60 километри со цел да стигнат до центарот на градот. Досега, овие луѓе беа сместени во 75 шаторски наслеби, а се очекува и подигнување на нови шатори.
Жителите на Сомалија се плашат дека може да се повтори сушата од 2011 година, која однесе над 250.000 животи.
„Стравот е сè поприсутен и доколку во април не заврне дожд, би можело да се случи масовно умирање на населението поради сушата. На овие луѓе им е потребна помош. Наскоро од Турција ќе дојдат и лекари кои ќе обезбедат бесплатни услуги“, рече Авџи.
Мештанинот Нишад Хасан (48) за АА рече дека преживува благодарение на помошта што ја добива од ИХХ, и дека заедно со неговата сопруга и четирите деца дошол од село за да преживее.
„Ваква суша не сме имале долго време. Земјата е сува, нема вода, нема храна, а речиси сиот добиток ни умре. И ние ќе умревме ако не дојдовме во градот. Фала му на Бога и на добрите луѓе, сега добиваме вода“, изјави Хасан.
Екипите на ИХХ се обезбедени со едномесечни залихи од вода за пиење и храна за 300 најзагрозени семејства.
Владата на Сомалија неодамна поради сушата прогласи вонредна состојба во земјата, а Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека од почетокот на годината во земјата од колера починаа најмалку 343 луѓе. Во Сомалија живеат околу 12 милиони жители, а повеќе од половина од населението зависи од хуманитарната помош.