Mehmet Akif Parlak
01 Август 2018•Ажурирај: 02 Август 2018
ГАЗИАНТЕП (АА) - Сиријците кои се наоѓаат во Турција, започнаа да преминуваат од граничниот премин Каркамиш до Газиантеп, со цел Курбан Бајрам да го поминат во својата земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Започнаа процедурите за премин на Сиријците кои сакаат Бајрам да го поминат со своите блиски во центрите и селата во сириските подрачја како Азез, Маре, Соран, Актарин, Чобанбеј, Африн, Џераблус и Ел Баб, кои благодарение на операциите како „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ станаа безбедни.
Сиријците првин ги пополнија формуларите на веб-страницата, отворена од страна на Гувернерството на Газиантеп за добивање термин, а потоа со комплетираните документи, дојдоа на граничниот премин Каркамиш.
По добиените вакцини и направените безбедносни контроли, Сиријците преминаа на својата земја.
Според информациите добиени од претставниците на Дирекцијата за миграција, Сиријците ќе можат да преминуваат во Сирија до 19 август, а да се враќаат во Турција во периодот од 26 август до 31 декември.
Сириецот Али Касим, во изјава за АА, истакна дека пред четири години заедно со неговата сопруга дошле во турскиот град Адана каде што и тој самиот работи, и дека е полн со емоции поради тоа што ќе оди во својата земја.
„Повеќе години го немам видено моето семејство. Ќе одам во Ел Баб и ќе се сретнам со моите роднини“, нагласи тој, додавајќи дека се чувствуваат безбедни поради тоа што таму се присутни турските војници.
Али Гафари нагласи дека веќе шест години живее во Газиантеп, и дека со своето семејство ќе премине во Сирија.
Тој изрази задоволство што по неколку години ќе имаат можност да колат курбан во својата земја.
„Одиме во нашата земја по повод Курбан Бајрам. Ако даде Господ ќе колеме курбан. Господ нека го благослови Реџеп Таип Ердоган поради тоа што ни даде ваква можност. Упатуваме молитви до него. Господ нека ги благослови турските војници затоа што ни овозможија безбедно место“, додаде Гафари.
Емине Абду рече дека заедно со својата сестра и нејзините деца ќе одат во Кобани. „По шест години за првпат ќе одиме таму. Велат дека многу нешта се сменети, ќе ги видиме. Сите се таму, мојата мајка, татко, тетки. Многу ни недостигаат“, додаде таа.
Се очекува дека во првиот ден ќе преминат околу 1.000 лица.